Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Претседателскиот кандидат на Основачкото собрание на ОО на ГРОМ – Гевгелија

Претседателскиот кандидат на Основачкото собрание на ОО на ГРОМ - Гевгелија„Граѓанска опција за Македонија вети дека со свој кандидат ќе настапи на претседателските избори и го исполни тоа. Горд сум што тоа сум јас, горд сум што стојам пред 22-илјадно членство, но и затоа што тоа членство за помалку од 24 часа успеа да собере 10.000 потписи со кои ја поддржа мојата кандидатура за претседател“. Со овие зборови проф. д-р Зоран Поповски, претседателски кандидат на ГРОМ, ги поздрави гевгелиските членови и симпатизери, кои вчеравечер, 1 март 2014 година, на Основачко собрание ја формираа својата Општинската организација.

Присутните 43 основачи, едногласно го поддржаа Делчо Стојанов за претседателската функција на Општинската организација на ГРОМ – Гевгелија, а исто така беа изгласани и составите на Општинскиот и Надзорниот одбор.

Во фокусот на вниманието на 42-то Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМ беше обраќањето на Зоран Поповски, кој пред гевгелиските членови и симпатизери говореше за целите што пред себе треба да ги има еден претседателски кандидат.

– Ние сакаме да го вратиме неговото височество граѓанинот на политичката сцена, да ги убедиме граѓаните дека партиската книшка не е клуч за успех, да ја вратиме нивната доверба во системот. Претседателот не може и не смее да биде настрана од политичките случувања во земјата, а политичкиот дијалог да се реализира со помош на меѓународната заедница.Токму претседателот треба да биде стожер на политичкиот дијалог во земјата. И токму затоа ние сметаме дека претседателскиот кабинет треба да го сочинуваат експерти од различни политички партии, за таму, низ дебати и дискусии, да се најдат најдобрите решенија и да се донесат правилни одлуки – рече Поповски, образложувајќи дека на македонската јавност ѝ е преку глава од постојаните расправии меѓу власта и опозицијата што секојдневно се пласираат во медиумскиот простор. Кандидатот за претседател зборуваше и за евроатлантските интеграциски процеси во земјава, кои ги оквалификува како „тапкање во место“.

– Веќе девет години Македонија тропа на вратата на Европската Унија, наместо да е во можност да ги искористи средствата што ги нудат нејзините фондови. Покрај тоа, веќе девет години се трошат народни пари за неразумни инвестиции кои не даваат никаков резултат во смисла на подобрување на квалитетот на животот на граѓанинот – забележа Поповски. Според неговото мислење, напредокот на Македонија во поглед на интеграцијата во ЕУ и во НАТО во голема мера зависи од политиката на добрососедство.

– Соседите не можеме да ги избереме, но можеме да ги подобриме односите со нив со дипломатски дијалог во кој ќе отсуствуваат провокациите. Воспоставувајќи соодветни односи со нашите соседи, ние ќе си ја отвориме вратата на која тропаме – рече Поповски.

Членството и симпатизерите на Граѓанска опција за Македонија од Гевгелија со интерес го проследија и обраќањето на лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој свечениот чин на основањето на оваа општинска организација го исползува за да ги образложи визиите за кои се залага ГРОМ. Мултиетничката црта на партијата, нејзината програмска заложба да го поддржува малото стопанство, визиите за целосно спроведување на децентрализацијата, релаксирање на монетарно-фискалната политика, развивање на земјоделството се само дел од целите на ГРОМ што ги спомена Јакимовски. Тој се осврна и на актуелните случувања на политичката сцена и истакна дека зголемувањето на понудата за електоратот е меѓу првите заложби што ГРОМ како партија ја вети и со понудениот кандидат за претседател на државата, успеа да ја реализира.

– Граѓанска опција за Македонија е визионерска партија. Ние одиме чекор пред времето, а таков од треба да има секој одговорен политички субјект. Уште во јуни минатата година велевме дека со овие претседателски избори нужно е да има и предвремени парламентарни за државата да не се најде во уставна криза зашто излезноста во вториот круг од претседателските избори е ниска.Тогаш ни реплицираа, а денес го говорат токму тоа. Една одговорна партија треба да го предвиди ваквиот развој на политичките процеси – порача на крајот, Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin