Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ ја поздравува одлуката за предвремени парламентарни избори

ГРОМ ја поздравува одлуката за предвремени парламентарни избориДенеска, 3 март 2014 година, во централниот штаб на Граѓанска опција за Македонија, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, и претседателскиот кандидат на партијата, Зоран Поповски, одржаа конференција за печат по повод официјализирањето на кандидатурите за претседател на претставниците на владејачката, најголемата опозициска партија и на ДПА, како и одлуката за самораспуштање на Собранието на РМ и за распишување предвремени парламентарни избори.

По тој повод, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, го поздрави вклучувањето на кандидатите во претседателската трка и одлуката на владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да распишат предвремени парламентарни избори, кои ќе се одвиваат во вториот круг заедно со претседателските избори.

– Сметаме дека е повеќе од потребно да дојде до прегрупирање на политичките сили во парламентот, да се намалат политичките тензии во Република Македонија и да се обезбеди мирен постизборен период што е од особено значење за евроатлантските интеграции на земјава. Во меѓувреме, слушаме, СДСМ повторно бара измени на Изборниот законик, но такви какви што нему му одговараат. Поради тоа сакаме да потсетиме дека при претходните измени истата партија успеа да си обезбеди медиумски простор за претставување, заборавајќи ги вонпарламентарните партии. Сакам да подвлечам дека е недозволиво да се зборува во име на демократијата, но само во своја корист, особено ако се има предвид дека на овие избори сите почнуваме од нула, односно не може да се предвиди која партија ќе биде парламентарна, а која не. Затоа, ГРОМ инсистира, доколку дојде до повторни измени на Изборниот законик, да се отвори простор за медиумско претставување еднакво на сите партии – рече Јакимовски.

На претставниците на седмата сила им се обрати и претседателскиот кандидат на Граѓанска опција за Македонија, проф. д-р Зоран Поповски.

– Сакам да изразам задоволство од кандидатурата на господата Пендаровски и Иванов, а задоволство ми е што и граѓаните од албанска националност имаат свој претставник на овие претседателски избори.  Жал ми е што госпоѓата Ванковска и господинот Ангелов не успеаја да го исполнат потребниот цензус, односно да соберат 10.000 потписи, колку што се потребни за кандидатура, така што изборот на неопределените се сведува само на мојата кандидатура. Ве уверувам дека мојата ќе биде исклучиво позитивна кампања – рече Поповски, порачувајќи им на медиумите да не фаворизираат ниту еден од кандидатите во текот на предизборната кампања.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin