РЕЦИПРОЧНО ДОСТОИНСТВО

Виолета Цветковска –  
специјалист по менаџирање на стратегиски комуникации

Кога од многу почитувани дипломати и креатори на јавно мислење, дури и повеќе, на државната надворешна политика, слушнав дека принципот на реципроцитет во односот со соседите е тешко објаснив (речиси да сакаше да се каже „што значи тоа?“ во смисла на празно множество?!), а уште потешко спроведлив во практиката, искрено се сепнав. Што е тука лошо и што е тука страшно?

За да видам што е лошо, а што страшно, побарав да видам што е, всушност, реципроцитет? Според некоја вики-дефиниција, како термин или практика во надворешната политика, реципроцитетот е начело по кое на една странска држава не може да ѝ се дадат одредени бенефиции без соодветни бенефиции кои таа држава би ги дала на првата држава. Но, ова ми звучеше како дефиниција на исклучливост која поаѓа од негаторски позиции.

Затоа, пак, сите други дефиниции, од социолошки, антрополошки, философски аспект, водат кон една позитивна нишка. Така, социолошки гледано реципроцитетот е социјална норма на учество во вид на одговор на однесувањето на другите. Според етиката на реципроцитет (златно правило), треба да се однесуваме кон другите како што би сакале другите да нè третираат нас и дузина други толкувања.

Реципроцитетот е основа на какви било билатерални односи во надворешната политика и оттаму е многу чудно и нејасно како може некој да го оспори како принцип. Или тој е неприменлив само за нас – Република Македонија? Какво е тоа чувство на инфериорност ако кој било дипломат или, не дај боже, претседател на држава не верува дека нашата држава може да биде рамноправна со другите, првенствено со соседите? Дали нам позициите во кои било билатерални односи и преговарања и договарања ни се толку ослабнати што ние не можеме да бараме реципроцитет во однос на правата на нашите малцинства, во однос на признавање на јазикот, чествување на празниците и слично. А, ваму, чалам креваме за името како основа на идентитетот. Тука сме силни, а на секое друго место – тапа. „Не можеме да употребиме реципроцитет, тешко се применува, многу се посилни, економски, политички, воено…?“

Како воопшто може да се почнат какви било разговори или преговори ако не се запази тој принцип, кој е синоним за заемно почитување и разбирање за разликите. Тој принцип мора да се употреби со сите соседи, но особено се наметнува со Бугарија поради договорот за добрососедство. Реципроцитетот значи македонскиот јазик се третира како и бугарскиот, културно-историските споменици да се третираат со заемно почитување. Зошто Македонците ниту од Бугарија ниту од Македонија да не можат да го посетат достоинствено гробот на Сандански во Мелник? Зошто да нема реципрочно размена на телевизиски канали во двете држави (моментално само кај нас има музички од Бугарија). Дури повеќе, инсистирање на реципроцитет значи враќање на достоинството на оваа држава како рамноправен субјект.

Значи, тука станува збор за приоритети, а нас добрососедските односи ни се и тоа како приоритет. Да, приоритет ни се и евроинтеграциите и економската стабилност. Но, еднаш засекогаш треба да го затвориме поглавјето со националутопистите и екстремистите. Екстремниот национализам е само  покритие за оној дел од граѓанството и политичарите кои не се задоволни со прераспределбата на националното благо. Да престанеме да сонуваме пошироки граници и поголеми држави, кои се повеќе пуста желба од веројатност. Нам евроатланските интеграции ни се потребни за да ја зацврстиме државата и да ги прошириме перспективите на граѓаните, на кои првенствено ќе им дадеме поголема економска понуда, слобода на протек на идеи и капитал во пошироки рамки. Но, сè почнува од тука, од соседите. Добрите односи со нив зрачат на илјадници километри. Од екстремизмот ќаруваат само малкумина, а страдаат сите.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin