Основање на Градската организација на ГРОМ

ГРОММЛАДА СИЛА – ЕНЕРГИЧНИ РЕЗУЛТАТИ

Единствено што недостасуваше во Големата сала во Домот на АРМ во Скопје, каде вечерва се одржа Основачкото собрание на Градската организација на ГРОМ, беше слободно место.

Во преполната сала, делегатите на Граѓанската опција за Македонија, едногласно се изјаснија дека 27 годишниот апсолвент на Правниот факултет во Скопје, Александар Трајановски е вистинскиот избор за претседател на Градската организација на ГРОМ. Поведен од емоциите, Трајановски се заблагодари за укажаната доверба и вети дека достоинствено ќе се посвети на обврските кои се составен дел од неговата нова функција.

-Задоволство е да се соработува со луѓе кои се без предрасуди, нешто што е етаблирано од самиот почеток од формирањето на оваа партија.  Досега не сум членувал во ниту една политичка опција, но сега сосема спонтано се одлучив да и пристапам на партијата од центарот. Посебен впечаток ми остави логото на ГРОМ кое означува дом, сигурност, нешто што се гради и треба да се негува. Така и во оваа партија, сметам дека нејзината сила лежи во конструктивноста, која е клучот за европска Македонија – истакна политичкиот дебитант Александар Трајановски.

Пред присутните се обрати и кандидатот за Претседател на Република Македонија,  Зоран Поповски, кој во своето обраќање го истакна главниот мотив за неговата претседателска кандидатура, а тоа е поставување на индивидуалните права на граѓанинот во центарот на приоритети.

-Македонија досега функционираше во услови на бипартиски политички систем. Растргнати помеѓу скромната понуда на левицата и десницата, граѓаните немаа вистинска опција преку која ќе ги артикулираат своите потреби. Со појавување на третата опција – ГРОМ,  граѓаните добија вистинска понуда на политичката сцена која веднаш ја препознаа како сериозен чинител и кон која масовно се определија да ја искажат својата доверба. Затоа јас се поклонувам кон нивната храброст – посочи кандидатот за татко на нацијата.

Презентирајќи ги главните точки од програмата на ГРОМ, Поповски истакна дека сесрдно ќе се заложи сите стратешки одлуки кои треба да бидат донесени во корист на државата, ќе кореспондираат врз основа на претходно направените темелни анализи. Тука спаѓаат горливите прашања за името и идентитетот, евро-атланските интеграции, внатрешната политика и безбедноста, како и политичката стабилност на државата.

-Потребна е деконтаминација на судството од дневната политика. Освен тоа, од особена важност е обезбедување на континуиран етнички баланс во Република Македонија и конечно да почнеме да ја градиме како граѓанско општество на сите жители, независно од нивната етничка, партиска, верска, или пак социјална припадност. Треба конечно да се ослободи критичката мисла, да се поттикне дебатата и да се ослободат медиумите од секакви партиски притисоци. Тоа се клучните критериуми кои воедно се главни карактеристики на секое демократско општество – додаде Поповски.

Во рамките на вечерашната партиска свеченост, говореше и првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски, кој напомена дека партијата на центарот има една основна цел, да ја врати вербата на граѓаните во државата и нејзините институции.

-Ние сме подготвени, моделот според кој  функционира локалната самоуправа во Карпош, успешно да го примениме и пошироко, во Република Македонија. Говорам за економскиот просперитет, развојот на инфраструктурата, современиот концепт на работа во градинките и училиштата, подобрување на социјалниот статус на граѓаните и соживотот со сите етнички заедници – образложи Јакимовски.

Акцентот на вечерашното обраќање, претседателот на ГРОМ го стави врз потенцијалот на младите луѓе, алудирајќи на нивните амбиции и искористување на капацитетот кој го нуди подмладокот на Македонија.

-Треба да го спречиме масовниот одлив на младата генерација и да ги поттикнеме оние кои ја напуштиле својата држава, да ја градат својата иднина токму тука. Затоа, нашиот предлог за претседател на Македонија е професорот Зоран Поповски. Тој директно работи со младите луѓе, ги познава нивните потреби и можности.    Неговото универзитетско и политичко искуство е од пресудно значење за комплексниот карактер,  кој треба да биде вграден во секој сериозен кандидат за претседател на држава. Во Македонија има и друга вистина освен ВМРО-вската и СДСМ-овската. Таа вистина полека излегува на површина  сублимирана во идеите на Граѓанската опција. Мене ме радува што секојдневно сé повеќе луѓе ја препознаваат, меѓу кои значителен дел се млади – резонираше Стевчо Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin