Кандидатот на ГРОМ за претседател се претстави пред дипломатите

_DSC1130Кандидатот за претседател на Република Македонија од Граѓанската опција за Македонија, Зоран Поповски, вечерва, во хотелот Александар Палас имаше пригодна средба со претставници од странските амбасади и дел од дипломатскиот кор во земјата.

Целта на оваа средба со дипломатите беше првите луѓе на партијата ГРОМ, претседателот Стевчо Јакимовски, потпретседателката Мавие Мехмети и членовите на Извршниот одбор да им го претстават нивниот кандидат за претседател.

Во поздравното обраќање што во ова пригода го имаше потпретседателката Мавие Мехмети таа рече:

– Јас со цело срце и душа пристапив кон ГРОМ, затоа што тоа е единствената партија во која ја прочитав најдостоинствената и хумана визија за Македонија. ГРОМ е партија во која сите сме исти, и пред закон и пред Бога и промовира подеднакви економски, културни, едукативни можности.

Самиот факт што Зоран Поповски доби потписи и поддршка за кандидатурата за претседател на Република Македонија од 500 припадници на албанската националност, рече Мехмети, покажува дека оваа партија, полека но сигурно, влегува во домовите на сите етнички заедници во Македонија без оглед на вероисповест, нација, култура или било каква друга припадност.

Ние од ГРОМ знаеме дека нашата мисија не е лесна, но подеднакво знаеме дека е длабоко благодорна и голема, и ние, заеднички, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други сме подготвени да истраеме на неа и да ја прошириме ширум Македонија, констатираше потпретседателката на ГРОМ.

Свое поздравно обраќање пред претставниците од амбасадите имаше и лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски кој рече дека оваа партија, која е формирана пред само пет месеци, веќе има над 22.000 членови кои посветено работат на ширење на граѓанската визија на ГРОМ.

-Ние имаме добра намера, сакаме само да ја зголемиме понудата на политичката сцена во РМ. На  овие избори ќе настапуваме со позитивна кампања, во конструктивен дух, зашто 345 дена граѓаните на Македонија гледаат црна кампања, па оттаму, имаат право барем овие 20 дена да слушнат каде ние од ГРОМ ја гледаме Република Македонија после четири години.

Токму затоа одлучивме да учествуваме на претседателските избори, и успешно, за само еден и пол ден, ги собравме потребните 10.000 потписи за да го обезбедиме законскиот услов, за нашиот кандидат Зоран Поповски да биде претседателски кандидат.

Ова значи дека ГРОМ има лојално членство, добра организациона поставеност и голем мотив за изборен успех. Вечерва, Ве повикавме да се запознаете со раководството на ГРОМ и да Ви го претставиме нашиот кандидат  за претседател  Зоран Поповски, изјави пред присутните дипломати од неколку замји, како САД, Русија, Велика Британија, Хрватска и други, претседателот на ГРОМ, Јакимовски.

Во својот инспиративен говор, кандидатот за претседател на Република Македонија Зоран Поповски рече дека ГРОМ, опцијата која што се нуди на граѓаните е всушност реална визија за Република Македонија како земја која е политички стабилна, етнички избалансирана, економски просперитетна и целосно интегрирана во ЕУ и НАТО.

-Чест ми е што сум  поддржан со повеќе од 10.000 потписи од граѓаните на Република Македонија, собрани за помалку од два дена. Сепак тоа е голема обврска за сите нас, но и укажување дека ГРОМ ќе биде во можност да игра сериозна улога во нашата политичката реалност.

Македонските граѓани очекуваат нова опција во градењето на демократско и просперитетно општество. Постојните зборови на омраза и непријателство, според Поповски, треба да се заменат со позитивна енергија и компромис. Нашите луѓе се заситени од постојаните меѓусебни обвинувања на двете најголеми партии и  од неисполнети ветувања. Наспроти тоа, ГРОМ нуди избор на единство и разбирање меѓу граѓаните, наместо страв и конфликти.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ Поповски ги  наброја неговите приоритети во работењето доколку тој ја добие врвната функција во државата:

-Прв императив е, рече тој, да го стави неговото величество граѓанинот во центарот на политичкото живеење во нашата земја, како и да обезбеди целосна заштита на индивидуалните слободи и права, кои досега беа скриени зад интересите на политичките партии.

– Јас ќе бидам претседател на сите граѓани без оглед на нивната етничка, верска и политичка припадност, нагласи претседателскиот кандидат на ГРОМ.

Обезбедувањето на етничката рамнотежа во земјата е клучен предуслов за внатрешната и за политичката стабилност на земјата и е клучен фактор за економски просперитет.

Следниот предизвик ќе биде заложба за интегративните процеси кон Европската унија и НАТО. Развојот на настаните во нашето соседство покажа дека тие не се нерешлив проблем. Професионална дипломатија , избегнување на секаков вид на понатамошни провокации, давајќи предност на сегашноста и иднината, наместо на историјата, ќе ни овозможи да ја вратиме довербата на меѓународната заедница.

Во однос на обезбедување на целосна независност на судството, со избор на соодветен кадар ќе дадам се од себе да се ослободи од политичкото влијание овој значаен сегмент од граѓанското општество. Во таа смисла, ќе се борам против политички монтажа и политички затвореници. Ако тоа и се случи, јас ќе го користам правото на абплиција, рече Поповски.

Исто така , би сакал да истакнам, дека јас ќе го користам моето уставно право во врска со сите правни документи кои се против интересите на нашите граѓани. Тоа ќе биде мојот придонес против евентуална апсолутна политичка моќ во државата. Во такви околности , моето ефикасно оружје ќе биде пенкалото.

Предизвик за граѓаните е да се најде начин да се ослободи медиумскиот простор од дневната политика и медиумите да се стават во една нормална позиција да бидат посредници меѓу носителите на одлуки и јавноста.

Говорејќи за економијата и претседателските ингеренции во тој домен, Поповски рече дека ќе инсистира на стабилна монетарна политика преку гувернерот на Народната банка, кој патем се назначува од страна на претседателот на државата.

Во секторите каде претседателот нема вистинска уставна одговорност, јас ќе имам улога да бидам мегафон на јавноста со цел да ја поттикнам власта да се подобри  и да се врати јавната дебата која одамна е исчезната од Македонија.

Говорејќи за регионалната соработка, претседателскиот кандидат на ГРОМ рече дека иако таа е голема, сепак не се искористени сите можности за економски раст и просперитет на земјата. – Јас ќе го промовирам принципот на еднаква (екви) соработка со сите соседни земји, изјави Поповски, наместо досегашната политика на еквидистанца. Тој најави дека доколку биде избран за претседател ќе се обиде да се надминат сите отворени прашања и да се задржи идентитетот на неговата земја и нејзините граѓани. Економските односи ќе бидат главната основа за понатамошна соработка во регионот и на Балканот .

На крајот, кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски најави позитивна кампања избегнувајќи секаков вид на понижување и дискредитација на неговите политички противници.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin