ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: ГРОМ понуди рака на СДСМ за претседателски кандидат

Прес-конференцијаДенеска, 16 февруари 2014 година, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, јавно ја повика СДСМ  да застане позади кандидатот за претседател на Република Македонија на ГРОМ Зоран Поповски и тој да биде заеднички кандидат, во неможност да понудат сопствен.

Во присуство на лицата од советничката листа на  последните локални избори и светниците  на ГРОМ во Карпош, како и високи функционери на партијата, и претседателскиот кандидат на ГРОМ, Зоран Поповски, лидерот на ГРОМ , одржа конференција за медиуми по повод почетокот на процедурата за собирање потписи за поддршка на кандидатура за претседател на државата.

– Денеска е свечен ден за членовите на Граѓанската опција за Македонија. Денеска, 16 февруари 2014 година, нашата партија почна со собирање потписи за поддршка на претседателскиот кандидат, проф. д-р Зоран Поповски. Јас и овие 23 кандидати за советници, на 16 февруари минатата година одлучивме да ја напуштиме погрешната политика на Бранко Црвенковски и на опозицијата и одлучивме да излеземе на редовните локални избори. Ние и денеска тврдиме дека тоа беше најголемата грешка на главната опозициска партија, но, во секој случај,  јас, заедно со моите советници, однесовме победа во Карпош. Ние и тогаш му понудивме коалиција на Социјал-демократскиот сојуз во Карпош, но бевме одбиени.

Денеска сме подготвени повторно да понудиме соработка, имајќи предвид дека СДСМ има проблем затоа што ниту еден негов партиски функционер не прифаќа да биде кандидат за претседател на овие претседателски избори. Затоа, сакаме да ги повикаме да го поддржат господинот Зоран Поповски, на тој начин скратувајќи ги своите маки, а во текот на денешниот ден Граѓанска опција за Македонија ќе ги собере потребните 10.000 потписи потребни за неговата кандидатура – рече Јакимовски, дополнувајќи дека доколку кандидатот на ГРОМ биде поддржан од опозицијата, најверојатно ќе биде победник на овие претседателски избори.

На новинарското прашање во врска со обвинувањата од СДСМ дека лидерот на ГРОМ, како актуелен градоначалник на Општина Карпош, потрошил 120.000 евра за спортска опрема, Јакимовски одговори дека во соодветна судска постапка, на тие што паушално обвинуваат ќе им биде разјаснето каде се трошат парите на граѓаните од Карпош. Во врска со мислењето на јавноста дека власта подготвува терен за победа на овие избори, делејќи субвенции и олеснувања за одредени категории граѓани, Јакимовски изрази мислење дека таквите дејства не се случуваат првпат во земјава и не се многу од корист, како и тоа дека токму опозицијата е таа што треба да е посилна за да дојде на власт, така што ќе ја убеди јавноста во своите вредности и предности.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin