Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ЛИКОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА

Гоце Дуковски – 

член на Извршниот одбор на ГРОМ – Ѓорче Петров

Кандидатурата за претседател на својата земја буди посебни и силни емоции кои не можат да го остават никого рамнодушен.

Во нашата земја, за 13 април се распишани претседателските избори на кои ќе се избира шефот на државата. За две недели подоцна закажан е и вториот изборен круг, на кој најверојатно Македонија ќе го добие својот претседател, кој треба во наредниот период да ја претставува земјата според своите уставни надлежности.

Но, пред и да почнат, овие избори ги следат многу контроверзи во смисла на кандидатите што ќе се вклучат во нив, барањето на ДУИ за консензуален кандидат, опасноста од измореноста и незаинтересираноста на граѓаните за овие избори, со што би се довел во прашање цензусот за избор кој изнесува 40 проценти излезност итн.

Многу прашалници висат над овие избори, па оттаму и театарот кој ни се случува во последно време, во режија на владејачката гарнитура, која мака мачи да најде причина за наводна меѓусебна кавга по која би се распишале и предвремени парламентарни избори. Од друга страна, активно работат на терен неколку месеци наназад со што јасно даваат на знаење дека ќе има нови предвремени избори.

Но, да се вратам на темата за претседател на државата, кој, иако има многу повеќе протоколарни функции, сепак има и функција да нѐ претставува во светот и поради тоа е една од водечките фигури во земјата.

Една многу опасна теза се вртеше и сè уште се врти за таканаречениот консензуален кандидат кој би произлегол како заеднички кандидат помеѓу двете партии од владејачката структура. Тоа е целосно потценување на гласачите и на народот во оваа земја. Па, зошто ни се тогаш избори кога тие ќе предложат некој заеднички кандидат и со притисоци и уцени кај своите симпатизери ќе ја протуркаат таа работа како што ја замислиле. И за една обична секојдневна работа важи принципот од три понуди, а не за претседател на држава кој треба достоинствено да нè претставува во светот.

Тој својата „консензуалност“ од народот во оваа земја треба да ја заслужи со своите ставови и посветеност. Да биде вистински татко и лидер на оваа земја во секоја смисла на зборот. Треба да е искрено прифатен од сите етнички заедници во Македонија како човек во кој имаат целосна доверба.

Сметам дека доколку овие избори се спроведат во фер и демократска атмосфера, ќе бидат едни од најнеизвесните без да може кој и да е кандидат, однапред да се прогласи за изразит фаворит за победа. На овие избори симпатиите ќе ги освои тој што ќе води изразито фер и неплукачка кампања без да ги навредува и омаловажува своите конкуренти. Доста му е на овој народ од наелектризирани типови кои шират негативна енергија и не знаат да понудат ништо, сеејќи магла околу себе за да не се види нивната неспособност. На таквите и сличните ним, веднаш да им дадеме до знаење, воопшто да не се обидуваат да го добијат нашиот глас бидејќи не го заслужуваат.

Многу паметни луѓе во оваа земја помислуваат дали да се вклучат во претседателската трка со оглед на климата што владее за време на изборите, медиумските протежирања за одредени кандидати, валканата кампања и небирањето средства за да се дојде до целта. Но, јас би ги охрабрил и би им порачал да не се предаваат предвреме и да се одважат и да го прифатат предизвикот наречен претседателски кандидат. Нема што да изгубат, само може да донесат позитивни ветришта кои ќе го сменат текот на политичкото живеење кај нас и ќе постават нови стандарди на политичка борба и култура. Неколкупати и во нашата политичка историја, кандидатите кои биле умерени и нуделе конкретен меѓуетнички соживот, визии и решенија, ги добивале симпатиите на гласачите и биле сериозни претенденти за функцијата за која се кандидирале.

Пред оваа земја сè уште има многу одлуки и затоа на местото претседател треба да стои личност со интегритет, кој ќе ги штити нашите интереси и ќе ни влева доза сигурност и спокој. Егзибиционисти и слепи послушници за кои можеби само постпретседателските привелегии се важни – не ни се потребни.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin