Зоран Поповски – Кандидат за претседател на Македонија

Зоран ПоповскиПрофесор д-р Зоран Поповски е кандидатот за претседател на Република Македонија на Граѓанската опција за Македонија. Ваквата одлука со акламација ја донесоа членовите на Централниот одбор на ГРОМ на третата седница која се одржа на Скопски Саем.

ФОРМИРАН ИЗБОРЕН ШТАБ ЗА КАНДИДАТОТ ЗОРАН ПОПОВСКИ

На третата седница на  Централниот одбор на Граѓанската опција за Македонија, беше донесена Одлука за формирање на Изборен штаб  за претстојните претседателски избори кој ќе раководи со кампањата на кандидатот на ГРОМ за претседател на Република Македонија Зоран Поповски.

За шеф на Изборниот штаб е назначен Владо Поповски, а за негов заменик Љупчо Пренџов.

Тој ќе ја трча претседателската трка за ГРОМ, откако во законскиот рок, од 16 февруари до 2 март годинава, ГРОМ како вонпарламентарна партија обезбеди 10.000 потписи за неговата кандидатура.

Во изјавата што ја даде за медиумите по повод одлуката за самостоен настап на претстојните претседателски избори и кандидирањето на проф. д-р Зоран Поповски, претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски изјави:

– Зоран Поповски е непосреден во контактите со граѓаните, скромен, семеен човек и над сè, човек со многубројни доблести. Особено, а можеби и најбитно е што е целосно предаден на образованието, науката и поддршката на младите, и конкретно студентите. Има само една маана, а тоа е што не е подготвен да ја свитка својата кичма, за што сметаме дека е многу битно како кандидат за претседател на Република Македонија– рече Јакимовски.

Во своето пригодно обраќање пред медиумите, универзитетскиот професор Поповски рече дека му претставува лично задоволство и се радува што ГРОМ без никакви калкулации прв од политичките партии излегува во јавноста со свој кандидат за претседател на Република Македонија.

– Јас нема да дозволам да бидам ниту марионета на власта, ниту продолжена рака на опозицијата, туку претседател на сите граѓани во оваа држава. Нема да дозволам понатамошно играње со нашето исконско име и негова референдумизација, изјави кандидатот за претседател на ГРОМ, кој рече дека секогаш може да се најде начин овој проблем да се надмине.

Тој исто така рече дека негов став и став на партијата што го кандидира- ГРОМ е да не се отстапи од патот на евроатланските интеграции, а со соседите да се градат односи на соработка, а не на дистанцирање.

– Не влегувам во оваа игра за да имам епизодна улога, во оваа ситуација кога имаме раскрварена политичка борба меѓу најголемите партии, туку ние од ГРОМ сакаме на граѓаните на Македонија да им дадеме нов избор и поради тоа очекувам голема поддршка и евентуална победа на претстојните избори – изјави Поповски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Share on Google+
Google+
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin