Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Свето Ангеловски, претседател на ОО на ГРОМ – Крива Паланка

Свето Николовски - ГРОМ Крива ПаланкаГРОМ Е ЕДНО ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО

Свето Ангеловски, дипломиран рударски инженер, е првиот претседател на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија од Крива Паланка. Него, со акламација, го избраа 127 делегати-основачи на партијата на Основачкото собрание што вчеравечер, 1 февруари 2014 година, се одржа во  најсеверниот град во Републикава. Исто толкава поддршка добија и предложените состави на Општинскиот и Надзорниот одбор.

Во своето обраќање до сопартијците, Николовски истакна дека довербата што му ја доделиле за него претставува чест и задоволство, но и обврска и одговорност зашто, да се биде претседател на една Општинска организација на ГРОМ, значи да се биде дел од едно големо семејство. Тој зборуваше и за безидејноста на двете големи политички партии на македонската политичка сцена, чие раководење ја довело Крива Паланка на работ на егзистенцијата.

– Ако продолжи актуелниот тренд на иселување, нашиот град за кратко време ќе се претвори во град на пензионери. Секојдневно сме сведоци на заминување не само на младите луѓе, туку и на возрасни. Цели семејства одат во Скопје или во странство, барајќи егзистенција. ГРОМ сака да понуди поинаков концепт што на граѓаните ќе им ги обезбеди работни места во нивниот роден крај – истакна Ангеловски.

Тој, пред своите сограѓани и сопартијци, го посочи концептот на Граѓанска опција за Македонија во кој се нуди за секое населено место во земјава да се создаде посебна програма што ќе биде одраз на решенија за проблемите на граѓаните од тој крај.

– Апелирам до сите вас, заедно да се заложиме уште на почетокот да поставиме широки, стабилни темели на нашата Општинска организација и ви гарантирам дека ако успееме во тоа, градбата подоцна ќе биде навистина висока – низ метафора им се обрати Ангеловски на своите сопартијци.

За неуспесите на актуелното државно раководство, зборуваше и претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.

– Живот има и во моето родно Подржикоњ, и во Крива Паланка, и во Дебарца… И тие граѓани заслужуваат подобри егзистенцијални услови. Знаете ли колку би му значеле два-три милиони евра на еден град како вашиот, наместо со нив да се градат споменици на еден квадратен километар во Скопје – праша Јакимовски, алудирајќи на ГРОМ–визијата за „дескопјанизација“ и целосна децентрализација.

Лидерот на ГРОМ пред своите сопартијци говореше и за актуелните случувања на политичката сцена во Македонија.

– Секојдневно сме сведоци на расправиите меѓу владејачката партија и нејзиниот опонент СДСМ. Секојдневно слушаме за тоа кој колку пари, станови, автомобили имал. Ама каде се тука Антикорупциската комисија и Обвинителството. Во една одговорна држава, овие две институции на ваквите обвинувања, би требало да излезат со став: „ Ако сето ова што го говорите е вистина, тогаш ќе следуваат реперкусии и за едните и за другите“ – порача Јакимовски.

Претставувајќи ги програмските заложби на ГРОМ, тој зборуваше за потребата од инвестиции во енергетиката, инфраструктура, во мелиоративни системи за соодветен развој на земјоделството, кое засега се потпира на субвенциите и стимулациите, а кои не дале никаков резултат.

– Ако навистина им се дадени толку пари на земјоделците, како е можно учеството на земјоделските производи во домашниот бруто-производ да опаѓа. Ама тие пари изгледа не отишле на вистинското место! Дадени се за обуки, за консултантски услуги… за сè, само за земјоделците не – рече Јакимовски.

За крај, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, на своите сопартијци од Крива Паланка им порача да се подготвуваат за изборите што ќе се случат напролет.

– Наш прв тест ќе биде собирањето потписи за кандидатура на претседател. Ако успееме да се консолидираме и за пет дена да ги собереме потребните 10.000 потписи, тоа ќе биде доказ за нас дека соодветно сме ја поставиле организациската структура, но и порака за другите дека во ГРОМ имаат сериозен конкурент – заврши Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin