Избрано раководството на ОО на ГРОМ – Неготино

Избрано раководството на ОО на ГРОМ – НеготиноГРОМ НУДИ ИДНИНА 

Тања Трајкова-Стојановска, дипломиран менаџер по царина и шпедиција, вечерва, 29 јануари, едногласно беше поддржана за претседателската функција на Општинската организација на ГРОМ – Неготино. И Општинскиот одбор со 36 членови, како и Надзорниот одбор со 5 члена, исто така ја добија едногласната поддршка на 120 присутни делегати-основачи на ГРОМ од овој град.

Заблагодарувајќи им се на своите сограѓани и сопартијци за дадената доверба, Трајкова-Стојановска истакна дека иако досега не била политички активна, подготвена е заедно со сите членови на оваа Општинска организација, 37. по ред, да работи на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Неготино, преку доближување на целите на ГРОМ до нив.

– Она што можам да го ветам е дека ќе ја вложам сета своја енергија и способност за да ги привлечам младите кон Граѓанската опција за Македонија, но не ветувајќи им измислени работни места, туку влевајќи им надеж дека со ГРОМ иднината може да биде подобра и покажувајќи им дека оваа млада политичка партија е вистинската опција за нив и за сите нас – подвлече Трајкова-Стојановска.

Неготинци со силен аплауз го поздравија говорот на претседателот на Граѓанска опција за Македонија Стевчо Јакимовски, кој на самиот почеток им честита за избраното раководство и им упати уверување дека ГРОМ ќе биде партија од „среден калибар“, која ќе внесе баланс во политичките води во Македонија.

Јакимовски за своите поддржувачи и сопартијци од Неготино детално ја презентираше програмата на Граѓанска опција за Македонија, задржувајќи се особено на неколку сегменти што се особено важни за жителите на овој град. Во тој контекст, тој зборуваше за потребата да се престане со конгломерацијата на Скопје, кој постепено се претвора во монструм, и да се работи на тоа сите краишта на Македонија еднакво или барем приближно еднакво да се развиваат.

– Сте биле ли неодамна во Македонски Брод, во Демир Хисар, во Самоков, Картово, Делчево? Таму се живее навистина тешко. Вака, како што ни оди, не села, туку и цели градови ќе опустат  – порача Јакимовски.

Говорејќи за земјоделството, како стопанска гранка особено важна за неготинскиот регион, лидерот на ГРОМ подвлече дека политиката која сега се води во однос на овој сегмент од стопанството е целосно погрешна и не ги дава посакуваните резултати.

– ГРОМ смета дека на земјоделството му е потребно ослободување од даночните обврски, дека му е потребно да се намали данокот на додадена вредност на пестицидите, потребна му е „зелена нафта“, потребни му се инвестиции во мелиоративни системи. Не може политиката во земјоделството да се сведе само на стимулации и субвенции, особено не ако тие средства завршуваат во погрешни џебови што, на крајот, резултира со видно намалување на учеството на земјоделските производи во домашниот бруто-производ – сугерира Јакимовски од името на ГРОМ.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија зборуваше и за другите визии што се дел од програмата на ГРОМ, како што се целосното спроведување на децентрализацијата со посебна нагласка на намалување на ингеренциите на Министерството за внатрешни работи во делот за јавниот ред и мир, спречување на понатамошното разнебитување на јавниот здравствен систем, внесување промени во образовниот систем, што треба да обезбеди кадри компатибилни на побарувачката на стопанските субјекти…

Јакимовски ја коментираше и актуелната политичка состојба во државата и надворешната политика на власта, апелирајќи дека за Македонија е нужно да гради добрососедски односи со Србија, Косово, Албанија и Бугарија, но и со Грција, со која, како што рече лидерот на ГРОМ, спорот за името треба да биде единствен и изолиран проблем.

За крај, претседателот на Граѓанска опција за Македонија на своите сопартијци од Неготино им порача да се подготвуваат за изборите напролет, но така што ќе бидат во постојан контакт со граѓаните, ќе бидат блиски со нив, за да можат нивните идеи и визии да ги инкорпорираат во програмата на ГРОМ, но и за да ги знаат проблемите со кои се соочуваат и да можат да помогнат.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin