Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Основачко собрание на ФОМ – говор на претседателот на Граѓанската опција на Македонија, Стевчо Јакимовски

Говор на претседателот на Граѓанската опција на Македонија, Стевчо ЈакимовскиПочитувани млади, почитувани членови на извршниот одбор на ГРОМ, почитувани членови на ЦО на ГРОМ, почитувани присутни и гости.

Вечерва сум горд. Искрено сум возбуден зашто пред мене ја гледам иднината на Граѓанската опција за Македонија. Таа е убава, моќна, енергична и, пред сè, храбра. Таа е ГРОМ!!!

Како сте? Јас сум ГРОМ!!! А вие?

Денеска, некому шега, некому вистина, се прикажува низ цела држава: каде одат најчесто младите од Македонија? Некој во Америка, некој во Австралија, Канада, Германија, ама најмногу одат во ГРОМ. Каде отишле над 5.000 луѓе за четири месеци на едно место? Се разбира, само во ГРОМ. Тоа се гледа и вечерва. Колку нè има тука? Две илјади? Малку е! Во цела Македонија над 5.000 млади веќе се членови на ГРОМ. Со цело срце и душа. Исто како што досега ГРОМ прими над 20.000 членови од сите краишта на Македонија.

Но, зошто ГРОМ? Зошто вечерва нè има толку?

Затоа што ГРОМ има своја организација, визија, има своја приказна, многу поразлична од сите што досега сме ги чуле. Во неа, во преден план се токму младите. Ние од ГРОМ знаеме дека најздравиот дел од секое општество се младите. Младите знаат да проценат што е добро. Знаат да ја „читаат“ секоја порака. Знаат што значи мултиетничност, еднаквост, љубов и толеранција, што значи и терминот „дескопјеизација“, знаат што значи зборот „храбро“ што значи „ветено сторено“… И знаат во кого да веруваат!!! Знаат кој ветува и кој исполнува! Знаат дека треба да веруваат во визијата за една поуспешна и попросперитетна Македонија. Знаат дека ГРОМ е партијата која ветува еднакви услови за сите, без оглед на вера, нација, пол или каква било друга припадност. Граѓанската опција за Македонија е таа која ги отвори вратите за сите граѓани кои сакаат да дадат дел од себе. Тука ги здруживме идеите, трудот, еланот, слободното време и средства и тоа не го жалиме. Зашто резултатот веќе се гледа. Тој е пред нас – тука. Сосема е оправдано тие што се вложија себеси во ова партија да очекуваат подобри услови за живеење, вработување, перспектива, подобар стандард подобри услови за живот и во најдалечното катче во Македонија. Раководството на ГРОМ тоа го сфати од самиот почеток. Тогаш решивме нашата успешна приказна, по теркот на Карпош, да ја пренесеме низ цела Македонија. Да им покажеме на оние сомничавите, па и на разочараните дека може поинаку и поубаво. Дека убавото што вирее во Карпош може да вирее секаде: од Дојран до Ќафасан, од Меџитлија до Јажинце, од Деве Баир до Љубаништа.

Нашиот оџак чади веќе во 36 општини. Таму луѓето разбраа дека ГРОМ знае што сака и уште подобро знае што не сака. Не сакаме тиранија, не сакаме власт од која ќе се плашиме, туку која ќе ја почитуваме, не сме за диригирано новинарство, туку за слободно. Кому му користи политизирано судство, корумпирана и неефикасна администрација? Не сакаме власт која ни го зема сработеното, која пречесто казнува. Не сакаме понижено здравство и разнебитен Клинички центар. Не сакаме бескорисно образование. Не сакаме вајлд-карти за Олимпијада. Ние сакаме и можеме да ги исполниме олимписките норми. И, на крајот, не сакаме да го даваме името ниту со него да тргуваме.

Членовите на ФОМ-ГРОМ добро знаат што не сакаат. Не може како досега, младите да се збутаат како во кафез, само во една Агенција за млади и спорт и толку! Или, да се сетиме на нив на четири години кога некој треба да лепи плакати. Не! Овие млади одлучија да се вклучат и во реалниот политички живот на Македонија. Тие се креатори на иднината, тие сакаат да го осмислат својот живот. ГРОМ тоа им го нуди. ГРОМ еден ден ќе биде расадник на млади кадри кои на своите крила ќе го донесат не само успехот на најнадежната партија во државата, туку и успехот на Македонија. Вие младите ја имате формулата!

Младите сакат активно да се вклучат: да дискутираат и одлучуваат за помал буџет, а повеќе пари кај граѓаните, за еднакви можности за живот на сите граѓани, за поубави патишта, модерно здравство, европско образование, сакаат да зборуваат за претприемништво, а не за „гола политика“, сакаат да живеат од својот труд, а не да бидат издржувани. Младите на ГРОМ одлучија да ја земат судбината во свои раце. Факт е дека неоправдано долго младите се држат настрана од „големата политика“. Не, младите не сакаат така и не го заслужуваат тоа. Младите во себе го носат активизмот, непосредноста во комуникацијата, топлината. Имаме и млади кои се образуваат на „Харвард“, на „Јеил“, во „Оксфорд“ и други светски универзитетски центри. Вооружени со нови, најсовремени менаџерски вештини, високи комуникациски и организациски способности, тие треба да ја водат напред државата, тие се нејзината движечка сила.

Оваа партија ја формиравме ние, родени во 60-тите. Наша задача е да го водиме ГРОМ во наредните два изборни циклуси, а потоа да ја преземете вие, родени кон крајот на 80-тие и почетокот на 90-тите години. Ние не сакаме да бидеме вечни. Сакаме вечна да ни биде партијата ГРОМ. Во овој момент ми навира едно сеќавање што го доживеав во Белград на натпреварот Партизан и Арсенал, кога Партизан загуби со 1:3. По завршување на натпреварот неговата верна публика не си замина, туку пееше: „И када не будеш први ти и када чују се звиждуке са трибине, Партизане знај, да те волим, волим ја!“ А тоа за нас значи дека ќе бидеме и опозиција и власт, и ќе победуваме и ќе губиме, ќе имаме подеми и падови. Тоа е животот. Но, љубовта и лојалноста кон партијата, кон она што го создаваме вечерва, што е наше и што го развиваме од самиот почеток треба да остане нешто трајно, нешто свето.

Секој од нас треба да го даде максимумот, за своето семејство, за партијата, за Македонија. Така треба да биде и на овие претседателски и се надевам предвремени парламентарни избори кои веројатно ќе се случат на 13 април. Да ги засукаме ракавите, да влеземе во секој дом, да се доближиме до граѓаните и да ја добиеме нивната доверба. Зашто повеќе од очигледно е дека граѓаните не го добија она што го очекуваа од ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак СДСМ знае да им понуди решение. Тие се занимаваат со вечните дворски игри и со внатрешните пресметки.

Сега е нашата шанса! Зашто нудиме нешто ново, нешто свежо, нешто различно и реално. Ве повикувам во наредниве три месеци да не се штедиме себеси, да го дадеме последниот атом сила за ГРОМ да го заземе своето место во политичкиот простор кој реално го заслужува, а потоа, ќе се гордееме со сработеното. Она максимум што ќе го дадете, бидете уверени дека го давате најпрвин за себе, за вашето семејство, за ГРОМ и за поубава и поперспективна Македонија.

Добредојдовте во семејството на ГРОМ. Нека е вечен ФОМ-ГРОМ,нека е вечна Македонија!

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin