Основачко собрание на ФОМ – говор на претседателот на Форумот на млади при ГРОМ, Бојан Велевски

ФОМПочитуван претседателе Јакимовски, почитувани членови на Централниот и Извршниот одбор, почитувани членови на Централниот одбор на Форумот на Млади – ГРОМ, драги пријатели, гости и, на крај, драга генерацијо, почитувани врсници, громовска младино, добро вечер и добредојдовте!

Се собравме вечерва под слоганот ЉУБОВ + ЕДИНСТВО = ИДНИНА. Љубов, затоа што ГРОМ е едно големо семејство. Семејство во кое треба да се почитуваме, поддржуваме, да си помагаме едни со други. Семејство во кое треба да се здружуваме за да му помогнеме на оној на кој најмногу му треба подадена рака. Единство, затоа што мора да бидеме сплотени, да работиме заедно за доброто на сите. Единство кое раѓа меѓусебна почит со која ќе докажеме дека во оваа партија, во ова семејство, сите сме заедно, без разлика на националната, верската или која било друга припадност. Единство кое треба да не држи заедно и за големите прашања, како што се името, уставот, националниот идентитет.

Само ако успееме да ги соединиме љубовта и единството, оваа младина ќе може успешно да ја гради својата иднина. Повозрасните имаа на располагање цели 23 години да ја изнесат оваа држава на прав пат. Но, наместо тоа, ги изнесоа младите од Македонија! Покажаа дека не се доволно кадарни! Покажаа дека немаат вистинска стратегија! Уште зборуваат со носталгија за Југославија. Можеби била подобра од сегашнава, а можеби не?! Јас не ја памeтам таа држава. Не ја памeти ни еден од вас! Драги повозрасни колеги, ова не е Југославија. Ова е Македонија! Ние сме на потег да изградиме подобро општество! Општество во кое младите нема да го гледаат своето вработување само низ призмата на партиската книшка. И не само во администрацијата. Администрацијата има ограничени ресурси. Конечно државата не е само една концентрирана бирократија. Државата се и фабриките и полињата и дуќаните и занаетите. Стопанството нема дно, нема крај! Напротив, има бескрајни ресурси. Треба да се развива претприемаштвото, на младите да им се овозможат услови за развивање на нови менаџерски вештини. Вие треба да бидете газди! Државата да не одзема, туку да создава услови за работа. Но, за тоа власта треба да ги тргне рацете од стопанството! Сакаме лојална, а не партиска конкуренција! Сакаме ние судбината да ја имаме во свои раце, а не целосно да ни зависи од некој друг.

Сакаме власт која ќе ја почитуваме, а не власт од која ќе се плашиме. Во слободна Македонија на сите ни треба слобода. На бизнисмените, на студентите, особено на новинарите, на уметниците, поетите… Најмногу на нас младите. Ние не знаеме да живееме во стеги, во страв, во закани и казни. Не знаеме да живееме во синџири. Нив ги кинеме и одиме напред. Нам ни треба слободен простор да дишеме, да твориме. Нека не мисли власта дека ако ги собере сите уметници на едно место, околу неа, дека ќе ја има најубавата уметност. Најубавите претстави, слики, филмови, дека ќе ги има најубавите стихови. Не, нив ги пеат младите,  ентузијастите.Оние кои мечтаат за слобода и за поубаво утре. Да не заборавиме! Најубавите песни се напишани за време турско. Кога било најтешко. Големиот Рацин ја напишал најубавата поезија кога му било најтешко! Тоа се вистински уметници, кои духовно го хранат својот народ кога му е најтешко!

Драга генерацијо. Ние од Граѓанската опција за Македонија градиме една поинаква младина. Младина по европски терк. Со свој оригинален начин на работа и поставеност.

Прво: ова ќе биде единствена младина во историјата на оваа држава што ќе има своја сопствена програма која ќе се занимава исклучиво со нашите проблеми. Со  проблемите во образованието и образовниот систем, невработеноста на младите, студентите, средношколците, студентските домови. Ние имаме идеја, ние имаме визија, ние знаеме како!!! Ние знаеме да донесеме конкретни мерки за олеснување на трошоците на младите луѓе до 27 години, да го изградиме односот на младите и културата, младите и спортот, итн, итн. Од вас бараме активно да се вклучите во креирањето на оваа програма со ваши конкретни идеи, проекти и визии. Програма, која ќе биде од младите за младите. Исто така, од нас се бара и активно да учествуваме во креирањето на изборната програма на ГРОМ! Најдобрите проекти ќе бидат и лично претставени пред медиумите од претседателот Јакимовски, а свој простор во медиумите ќе добие и младиот човек кој е носител на проектот!

Второ : оваа младина ќе урне најголемиот стереотип во партиското работење во историјата на Македонија. Оваа младина нема да лепи плакати!!! Не ве повикавме во ГРОМ за да лепите плакати, туку да го искористиме вашиот креативен и интелектуален потенцијал! Пренесете им го ова и на вашите пријатели и другари. Младината во ГРОМ ќе нуди решенија за ова општество. Повелете, дојдете со нас. Ние чекориме кон иднината. Ние сме ГРОМ, а каде има ГРОМ, има и светлина. Е, ние сме таа светлина на крајот од тунелот. И тоа силна, многу силна!

Ви благодарам.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin