Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

БЕЛА ЧУМА СЕ ЗАДАДЕ ИЛИ НЕШТО СОСЕМА ДРУГО?

Гоце Дуковски –

потпретседател на ГРОМ во Ѓорче Петров  

Првиот дел од насловот наликува на една  стара македонска народна песна во која се опишуваат маките на овие луѓе низ векови , но како да станува збор за актуелните  маки и  прилики кај нас

Секојдневно сме бомбардирани од  медиумите за сé помалиот број на новородени во нашата земја и во прилог на тоа течат владините кампањи за трето дете, за нови брачни заедници, за семејството и т.н. Ако се гледаат површно работите, тоа е сосема во ред и таквите кампањи пропагираат сосема нормални човекови вредности кои секој нормален човек би ги поддржал.

Но, со малку подлабока анализа на проблемот, ќе ја видиме и онаа друга страна која е многу мрачна и пострашна за тоа што во иднина ја очекува оваа земја.

Низ јавноста течат информации дека за последните десетина години оваа земја ја напуштиле помеѓу 230 и 250 илјади наши државјани и секако насетувате, тоа се исклучиво млади луѓе кои својата подобра иднина ја побарале во белиот свет.

Во оваа бројка не се вкалкулирани и оние што работат на црно во европските земји по принципот на туристи кои ја напуштаат државата во која што работат  пред истекот на третиот месец. Претстојуваат неколку дена дома и пак, повторно, демек туристички, ја напуштаат нашата држава.

Но, овие податоци строго контролираните медиуми не ги соопштуваат да не падне магла врз розевите очила кои ние треба да ги носиме за да гледаме колку ни е убаво  во нашата држава. Како ќе се објасни фактот дека во екот на преродбеничките реформи, младите луѓе ја напуштаат оваа држава и вадат билети во еден правец. Согласно на ова, нормално е да опаѓа бројот на новородени кога толку млади луѓе ја напуштиле земјата. Но, нема да ме зачуди и тоа во следниот период да излезе владина кампања која ќе промовира и луѓето во средни години да создаваат нови поколенија како што сега ги промовираа бесплатните ски – карти за пензионери.

Неоспорен е фактот дека младиот човек кај нас може да добие солидно вработување исклучиво ако е член на владејачката гарнитура и никако на друг начин. Затоа  во вода паѓаат сите останати политички програми на останатите политички субјекти. Почнаа луѓето веќе да не веруваат во ништо и доколку има и некоја сосема коректна понуда од другата страна, за нејзе едноставно да не се размислува.

Ни еден политички субјект кај нас не може да освои повеќе од 300 илјади гласови доколку изборите се без притисоци и закани. Но кај нас се случува феноменот на создавање на нови гласачи кои се од редовите на државната и јавната администрација заедно со нивните семејства. Се проценува дека некаде околу 40 илјади луѓе се вработуваат помеѓу два изборни циклуса и тоа на државна сметка. Тоа е новата добитна комбинација со низок коефициент.

Зошто пропадна пописот?

Ако се навратиме на пописот ќе си споменеме дека во тоа време патриотите и од двете страни не дозволиле нивниот ентитет да доживее неправда во однос на другите. Така медиумите ја водеа водата за народот да верува на овие чудотворци од политичари.

Но времето покажува нешто друго, а тоа е дека коалиционите партнери тоа го договориле и добиле политички поени на кус рок.

Како ќе им објаснеа на своите ( секој од нив се обраќа исклучиво на жителите од својот ентитет иако се декларираат како граѓански партии) дека во нивно владеење толку се намалил бројот на жителите на оваа земја независно на која заедница  припаѓаат. Затоа паметните млади луѓе, овие местенки почнаа да ги препознаваат и не сакаат да носат розеви очила. Во последно време дури има и ситуации кога државата ја напуштаат и сопружници кои се вработени во надеж за подобра иднина за нив и нивните деца.

Затоа не бела, туку нас и црна чума ќе не изеде ако не се сменат работите во најскоро време.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin