СУРОГАТ-МАЈЧИНСТВОТО – АЛТРУИЗАМ БЕЗ АЛТЕРНАТИВА

Виолета Михајловска, дипломирана по родови студии

Деновиве во Македонија е посебно актуелна и интересна темата околу сурогатството. За што станува збор?

Изминативе две-три децении се период кога медицината и техологијата бележат голем развој на полето на репродукцијата. Постоењето на новите репродуктивни трендови како спој на биолошки и социјални иновации значително ја променија и општата перцепција во однос на родителството и сeмејството. Како еден од поспецифичните вакви третмани е сурогат-мајчинството кое навистина привлекува доста внимание со оглед на можностите кои ги нуди.

Сурогат-мајчинството е прифатлив метод на биомедицинско потпомогнато оплодување иако истото предизвикува и многу морални и правни импликации кои се тема за расправа во многу научно-експертски кругови. Тргнувајќи од идејата да се избегнат голем дел од проблемите врзани со начинот на договарање и реализирање на самата постапка на сурогатство некои држави веќе имаат донесено законска регулатива по тоа прашање. Постојат дури и регулативи кои целосно го помагаат и самото определување на родителството коешто се јавува како најголем проблем за чие решавање е потребно интердисциплинарно расудување. И додека државите со закон условно го наметнуваат сурогат-мајчинството како алтернaтивен начин да се постигне оплодувањето кај двојки кои имаат проблем сами биолошки да станат родители, останува сѐ уште проблемот со јавното мислење во врска со сурогатството. Токму од јавното мислење потекнуваат и бројните етички прашања ставајќи ги токму етичарите под силен притисок да понудат нови научни и социјално прифатливи вредности.

Во тој контекст, вчера беше одржана првата од серијата дискусии околу концептот за новиот закон за сурогат-мајчинство кој би се донел во Република Македонија. Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, во својата Платформа и Програма го има апсолвирано ова прашање од страна на своите експерти и има дециден и сеопфатен став околу ова прашање.

Од она што го пренесоа медиумите може да се забележи интересот на министерот за здравство околу психолошкото и правно советување на сурогат-мајката, како и на родителите „нарачатели“ на сурогат-дете. Во целата дебата никаде не се спомнува детето. Што е со неговите права? Дали договорот за сурогат-мајчинство ќе го дефинира родителското право? Бидејќи ваквите договори најчесто ги дефинираат обврските и правата на двете страни, сурогат-мајката и идните родители, но и одговорностите во периодот пред инсеминација, за време на бременоста и периодот по породувањето. Мора да постои клаузула со која ќе се штити интегритетот на детето, затоа што тоа дете не е предмет на обична трансакција туку е благослов. Од друга страна, пак, мора да се балансира и со правата на детето бидејќи според член 7 и член 8 од Конвенцијата за правата на децата, детето има право да го знае своето потекло и идентитет.

Друга дилема се јавува со фактот што во изјавата министерот Тодоров вели дека сурогат-мајката треба да е постара од 21 година. Ваквата определба отвора уште една дискусија. Имено, се прашувам дали девојка од 21 до 22 години може сама да одлучи да роди? Дали ваквата можност исто така нема да биде злоупотребена? Лично сметам дека сурогат-мајка треба да биде онаа мајка која има родено најпрво свои деца, има развиено чувство на одговорност и грижа за детето од моментот на неговото зачнување. А најмногу од сѐ, сметам дека раѓањето на прво дете со цел да се исполни договорот за сурогат-мајчинство, кај девојка до дваесетина години, би можело да предизвика понатаму разни психосоматски последици.

Исто така, контрадикторна е изјавата на министерот дека се залагаме за алтруистичко сурогатство, а од друга страна вели дека државата ќе им исплаќа на сурогат-мајките месечен надомест од една просечна плата за покривање на трошоците. Алтруистичкото и комерцијалното сурогатство впрочем и се разликуваат најмногу по примањето или непримањето на материјален надоместок. Чиста форма на алтруистичко сурогат-мајчинство, за волја на вистината, постои кај нас. Тоа е длабоко вкоренето во нашиот генетски код, во нашата перцепција и практикување на семејството, во нашата традиција, култура и обичаи. Не ретко слушаме за фамилии во кои братот или сестрата раѓаат дете за најблиските, за оние што не можат да продуцираат потомство. Многумина сметаат дека примери за сурогат-мајчинство постоеле дури и во библиски времиња.

И на крај, дали не треба да се дозволи искористување на сурогат-мајчинството без притоа да се чека три неуспешни ин витро обиди кога знаеме колку време поминува од еден до друг ин витро третман, и какви се всушност последиците кај двојката која и по третпат нема да успее во својата желба и намера да станат родители?

Добро е што се отвора дебатата по ова прашање, но дали во истата ќе се вклучат сите релевантни и компетенти субјекти.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin