Формиран Форумот на млади на ГРОМ – Карпош

Формиран Форумот на млади на ГРОМ – КарпошЗБОРОТ „ХРАБРОСТ“ ГО НАУЧИВМЕ ОД НАШИОТ ЛИДЕР 

-Не сме дојдени тука да бидеме восочни фигури, туку да ги завратиме ракавите и со полна пареа да итаме кон зацртаните цели. Оваа младина ќе биде двигател во креирањето и во водењето на младинската организација на ГРОМ, ќе придонесеме за рационално искористување на младите образовани ресурси, за поголем број на вработувања, за активно социјално вклучување, но и за обединување, порача 24-годишната м-р Слободанка Георгиевска, првата претседателка на Форумот на млади на ГРОМ – Карпош, за која вчеравечер 465 основачи на ФОМ – ГРОМ од Карпош едногласно ја дадоа својата поддршка.

Свеченото обраќање на претседателката на младинскиот форум беше дочекан со долготраен аплауз и со нескриено задоволство од многубројната младина што до последно место го исполни Драмскиот театар.

– Ние како раководство ќе се стремиме да бидеме максимално продуктивни и оригинални во нашата работа, ќе иницираме проекти што ќе придонесат за активна вклученост на младите, што значи можност за нивна континуирана надградба, ќе претставуваме извор на енергија, сила, кадар, ќе градиме кохезија – додаде Георгиевска, споделувајќи ја со младината од Карпош својата визија за работата на тукушто избраниот Општински и Надзорен одбор на Форумот на млади на ГРОМ – Карпош.

На „ценетата громовска младина од Карпош“, како што самиот ја нарече, ѝ се обрати и претседателот на Општинската организација на ГРОМ – Карпош, Оливер Станоески, кој посочувајќи дека токму младината го носи еланот на една партија, апелираше до своите сопартијци да се потрудат карпошовската енергија да ја рашират насекаде, зашто на изборите кои доаѓаат, ГРОМ треба да се профилира како сериозна политичка опција на македонското политичко небо, а за тоа да се реализира неопходно е таа да биде победничка опција во општината што го претставува изворот на нејзината визија – Карпош.

– Вечерашната ваша средба е и тоа како интересна за вашите и наши политички ривали, но сигурен сум дека единственото што ќе се промени по неа ќе биде интензитетот на нивната главоболка. И тоа како ќе ги боли глава по формирањето на ФОМ ГРОМ – Карпош зашто ќе бидат уште веднаш свесни дека ова е победничката опција во Карпош. Самиот факт што овде еден до друг седат Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи… праќа силна порака во јавноста. Сакам да знаете дека секој прст посебно нема некоја особена сила или функција, но сите заедно можат да стегнат силна тупаница, да покажат моќ. Сакам вие да дејствувате како прстите на една рака, а токму тоа единство ќе донесе неминовни успеси – порача Станоески упатувајќи честитки за новоизбраното раководство на младината.

Координаторот на младите на ГРОМ, Бојан Велески, во своето обраќање до своите сопартијци, пак, се задржа на тенденциите на Граѓанската опција за Македонија да обезбеди подобра иднина токму за младите и тоа преку нивен личен ангажман, „Од младите за младите“.

– Неминовно е да се каже дека 60 проценти од претседателите на Општинските организации на ГРОМ се помлади од 30 години, а тоа покажува дека во оваа политичка опција на младите навистина им се отстапува простор да се искажат, да се докажат. Токму затоа, освен што се работи на програма на Младинскиот форум на ГРОМ, на подмладокот на оваа политичка опција секогаш му е отворена вратата да ги донесе своите квалитетни идеи и визии и да побара тие да бидат вклучени во изборната програма на партијата – рече Велевски, поканувајќи ја младината на Карпош и на 26 јануари во „Универзална сала“ исто вака многубројна да ја докаже својата моќ на формирањето на Форумот на младите на ГРОМ.

Чест на младината на Карпош ѝ направи и потпретседателката на ГРОМ, Мавие Мехмети, која, како што самата рече, не случајно за почеток на својот говор го избра зборот „храбро“.

– Сакам да покажам дека сум храбра млада жена, токму како што сте вие, а тој збор, „храброст“, го научивме од нашиот лидер, Стевчо Јакимовски – рече Мехмети и додаде дека нејзините заложби ќе одат во насока желбите, идеите и визиите на младината секогаш да бидат на прво место во ГРОМ, но додаде и дека во тоа не се сомнева зашто токму за младите Јакимовски и ја формирал оваа партија.

Френетичен аплауз, овации и видлива возбуда го означија почетокот на свечениот говор на лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Претседателот на партијата со нескриено задоволство, под силно влијание на младешкиот ентузијазам и енергија, им се обрати на своите сопартијци и им честита за изборот на раководството.

– Навистина е задоволство да се видат толку многу храбри млади луѓе на едно место. Во тој поглед, сигурен сум дека ви дадов добар пример за тоа што значи да се биде храбар и во вистински момент да се донесе вистинска одлука, да не се бега од предизвикот – рече Јакимовски.

Честопати прекинуван од аплауз и од овации, лидерот на партијата пред своите млади сопартијци ги презентираше визиите на Граѓанска опција за Македонија во поглед на подобрување на иднината на Македонија и на нејзините перспективи за младите. Тој ги охрабри младите од Карпош да се вклучат во секој сегмент на општествено дејствување на партијата за полесно да ги остваруваат токму своите цели.

– Вие го имате најголемото богатство, младоста. Затоа, додека сте млади, треба да бидете револуционери, а конзервативноста да им ја препуштите на постарите. Токму тој спој, на младешкиот ентузијазам и енергија и на мудроста на постарите ќе донесе успех – порача Јакимовски. Тој ги охрабри младите секогаш да се борат за своите визии и им рече дека токму во ГРОМ нивните идеи ќе бидат слушнати и земени предвид.

– Сакам да знаете дека вие ќе бидете единствен партиски подмладок што нема да лепи плакати во изборните кампањи. Од вас ќе бараме идеи и визии, а ГРОМ ќе ви даде можност да се искажете, да ја докажете својата способност и да придонесете за доброто на сите нас зашто ние сме како едно големо семејство што ќе зрачи со позитивна енергија – рече лидерот Јакимовски, подвлекувајќи дека меѓу младите на ГРОМ – Карпош треба да се најде и идниот градоначалник на оваа престижна Општина.

На крајот на своето обраќање, претседателот на ГРОМ, Јакимовски, на своите млади сопартијци им честита за извонредниот избор на раководниот кадар и им порача со несмалена енергија и на 26 јануари да ја демонстрираат моќта на ГРОМ-овската младина на Карпош.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin