КОЈ АКО НЕ НИЕ? КОГА АКО НЕ СЕГА…?

Виолета Цветковска,
специјалист по менаџирање на стратегиски комуникации

Кога сакав да пишувам за тоа зошто на Македонија ѝ е потребна алтернатива, една нова опција, пред сè и првенствено граѓанска, некако спонтано ми се наметна една етичка расправа која сама ја отворив во еден мој есеј за оскиморонот што владее меѓу капиталот и етиката. Се разбира, тоа е мое лично мислење на кое барем еден милион етичари, философи, а пред сè критичари ќе се нафрлат со силни контраргументи. Но, од каде, всушност, појдов:

„На неокласичниот фундаментализам кој се појави во веселите 70-ти и 80-ти години, мораше да му се даде човечки лик, душа и, пред сè, социјална проодност, откако тој се прероди во предаторски капитализам кој голташе сè пред себе, бескрупулозно грабејќи кон највисоката цел – максимилизација на профитот. Пред него паѓаат држави, системи, национални економии, култури, лидери и обични луѓе, но најмногу – етичките вредности.

Таквиот, не хуманистички, туку хуманитаристички лик на неокласичниот капитализам, кој во последните три децении еволуираше во корпорациски, повеќе по очекување, отколку по практика, требаше да му го донесе либералната левицата која според дефиницијата, идеолошки, се бори за човекови права, за етика во корпорациското однесување, за социјална правда и за еднаквост, за општествена одговорност, наспроти конзервативната десница која го штити капиталот и профитот, во „пакет“ со традиционалните вредности. Левицата е традиционален критичар на пазарната економија и таа е таа што требаше во себе да вгради општествено посакуван темплејт на морално однесување или концепт на бизнис-етика. Ако тоа го сработеше либералната демократија и левицата, познатиот Франсис Фукојама конечно можеше да замине во пензија. Да дојде неговиот „Крај на историјата“, а тој само да ја изгасне светилката на заминување од глобалното село. Но, тоа не се случи.

И можеби уште долго ќе останевме со такви убедувања, да не се случеа големите климатски промени, масовните загадувања, патолошкото поврзување на капиталот со власта, односно со државата и со институциите во системот или на глобално ниво (корпорациски влади), па да сфатиме дека, всушност, станува збор за две страни на иста паричка и дека неолибералната економска парадигма во својот максималистички поход изнедри неолиберална десница и неолиберална левица, кои во практика, со своите активност, акции и цели толку ги избришаа меѓусебните разлики, што станаа непрепознатливи и неделиви.

Да не се забраната за геј-браковите и проектот „Трето дете“, всушност, во целост ќе се избришеше разликата меѓу неолибералната десница и неолибералната левица, на кои само културното наследство, идентитетскиот инженеринг и етичките упоришта им останаа да ги диференцираат едни од други. Сè друго е исто!“

Токму на пепелта од „сè друго е исто“, како феникс се издигна идејата за граѓанска опција, нешто што ќе го каже можеби историското „не“, ќе дојде како олуја над сите олуи, ќе ги заврти нештата на глава, па ќе го сложи мозаикот по сосема друг редослед на вредности. Кога ќе ни се случи вистинска „дескопјеизација“, рамномерен развој на сите помали градови и општини, иста стартна позиција за сите и кога диригентската палка, од идеја до реализација, ќе ја понесе граѓанинот. Тој во една држава, макар и ваква, е суверен. Другите, на која и да се позиција, сепак само му слугуваат. Затоа и оваа вредносна дилема ја почнав со прашањата: Кој ако не ние? Кога ако не сега?

Да им ја вратиме или да им создадеме шанса.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin