Избрано раководството на ОО на ГРОМ – Чашка

Избрано раководството на ОО на ГРОМ – ЧашкаНАДЕЖ ЗА ПОДОБРА ИДНИНА

„Вам ви благодарам на многубројноста и на поддршката, а на претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, му благодарам што ја прифати идејата на Иницијативниот одбор да биде лидер на Граѓанската опција за Македонија, зашто на нашата земја навистина ѝ беше потребна нова, свежа визија, нова надеж за подобра иднина“. Со овие зборови дипломираниот правник Бошко Димовски им се заблагодари на седумдесетте делегати-основачи на Граѓанска опција за Македонија од општина Чашка, кои вчеравечер, 21 декември, едногласно му ја дадоа довербата да ја води оваа Општинска организација на партијата. На Основачкото собрание целосна поддршка од присутните добија и предложените состави на Општинскиот и на Надзорниот одбор на ОО на ГРОМ – Чашка.

Со громогласен аплауз беше поздравен и говорот на претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој за членовите и симпатизерите на Граѓанска опција за Македонија од Чашка детално ги образложи програмските заложби и цели.

Јакимовски зборуваше за потребата политичките активности во Македонија конечно да се насочат кон потребите на граѓаните, кон подобрување на квалитетот на нивниот живот и кон обезбедување просперитет за младите генерации. Тој го изрази ставот на ГРОМ дека на нашето стопанството му е потребно да се ослободи од прангите на власта наметнати со даноците и со глобите, како и дека неминовно за толку посакуваната индустријализација на нашата земја е да се размислува за енергетската поткрепа во смисла на изградба на капитални објекти кои би обезбедиле поевтина енергија и енергетска независност на Македонија.

–  „Чебрен“ и „Галиште“ се инвестиција што својата реализација ќе ја има можеби по 15 или 20 години од почетокот на изградбата. Ние не смееме повеќе да чекаме некој да се нафати да биде инвеститор на еден ваков проект! Треба да си ги засукаме ракавите и да ја почнеме изградбата сами, а оваа власт досега изгуби седум драгоцени години во тој поглед – рече Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ зборуваше и за идеите на партијата за понатамошниот тек на децентрализацијата, кои би го запреле монструозниот пораст на главниот град на сметка на другите региони од земјата. Во поглед на локалната власт, ставот на ГРОМ, според зборовите на Јакимовски, е дека таа треба да има поголеми ингеренции во уредувањето на јавниот ред и мир, социјалната заштита и примарната здравствена заштита на граѓаните.

Јакимовски зборуваше и за потребите да се направат промени во образовниот систем кој сега продуцира кадри кои не соодветствуваат на побарувачката на пазарот на трудот, како и за здравството во кое евидентен е прогресот на приватниот сектор на сметка на јавниот.

За ГРОМ, како што истакна Јакимовски, е неприфатливо и тоа спортот во Македонија да се потпира на плеќите на локалните самоуправи и на неколку стопанственици, туку тој треба да има поддршка од државата и тоа во смисла на инвестирање во спортистите, а не во спортските објекти.

За крај, лидерот на Граѓанска опција за Македонија истакна дека идејата за формирање на новиот политички субјект е на граѓаните на Македонија да им се понуди еден поинаков концепт, нова визија што ќе обезбеди прогрес особено за младите, но и дека нејзината реализација ќе бара многу работа и труд чии плодови ќе донесат благосостојба за целото македонско општество.

– Његош рекол „Во доброто лесно е да си добар, во маката се гледаат јунаците“, а јас мислам дека во ГРОМ има многу такви – заврши Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin