Прес-конференција: Владата предлага – изборен буџет

Прес-конференција: Владата предлага - изборен буџетПредлог-буџетот за 2014 година навидум е развоен, но реално е изборен, а тоа се гледа преку зголемувањето на неговата приходна и расходна страна. Ова го изјави денеска претседателот на Граѓанска опција на Македонија, Стевчо Јакимовски, на конференцијата за печат, изнесувајќи ги ставовите на ГРОМ по вчерашната седница на Извршниот одбор на партијата.

„Од направената анализа може да се согледаат две добри и две лоши страни на новиот буџет“, рече Јакимовски.

„Првата лоша работа е што на повидок е зголемување на даночното оптоварување на граѓаните и на претпријатијата, при што се проектира зголемување на сите видови даночни приходи. Втората лоша страна на Предлог-буџетот за 2014 година е зголемувањето на приходите од казни, што значи дека наплатата на зголемените буџетски приходи ќе се остварува преку зголемена репресивна политика врз претпријатијата и врз граѓаните. Првата добра страна на овој буџет е што предвидува на расходната страна зголемување на капиталните инвестиции, но, овојпат, на вистинското место, во изградба на инфраструктура. Добро е што Владата, конечно, сфатила дека трошоците направени за нестопански инвестиции не го поттикнуваат развојот на Република Македонија. Втората добра страна на Буџетот за 2014 година е што владината економска политика е насочена кон обезбедување макроекономска стабилност на краток рок, што значи стопанските субјекти можат да имаат предвидливи економски очекувања, барем за наредната 2014 година“, рече на денешната конференција претседателот на ГРОМ.

„Сепак“, како што изјави Јакимовски, „ГРОМ изразува загриженост за порастот на буџетскиот дефицит и на вкупниот јавен долг, кој од година на година сè повеќе расте. Тоа неминовно ќе се одрази на стабилноста на денарот и на среден рок ќе предизвика неминовна девалвација на домашната валута. ГРОМ смета дека покорисно и за граѓаните и за стопанството ќе беше доколку буџетските приходи и расходи за 2014 година беа помали, а тоа, во практика, ќе значеше дека ќе останеа повеќе пари и кај претпријатијата и кај граѓаните. На тој начин би се зголемил стандардот на граѓаните и ликвидноста кај стопанството, нешто што ГРОМ го заговара уште од самиот почеток“, истакна лидерот на Граѓанска опција на Македонија, Стевчо Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin