Основање на Општинска организација на ГРОМ – Сарај

Основање на Општинска организација на ГРОМ - СарајМУЛТИЕТНИЧНОСТА Е СИЛАТА НА ГРОМ

Со едногласна одлука, вечерва, во просториите на административната сала на општина Сарај сите делегати на Граѓанската опција за Македонија од оваа општина, се изјаснија дека дипломираниот педагог Снежана Јовкоска ја заслужува нивната целосна доверба, со што и дадоа мандат на претседател на Општинската организација на ГРОМ – Сарај.

Ветувајќи дека подеднакво ќе ги застапува интересите на сите граѓани, новоизбраната претседателка, пред многубројните подржувачи на граѓанскиот концепт, ја истакна поентата дека  луѓето треба да живеат едни со други, а не едни покрај други.

-Нашата заедничка цел е да создадеме подобри услови за сите жители на Сарај. Пред се, да ја продолжиме традицијата на соживот, тоа што со децении наназад го граделе нашите предци. Тука, со години наназад сите опстојуваме заедно. Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми. Исто така и Граѓанската опција за Македонија е со мултиетнички состав. Во таа смисла интересите се совпаѓаат и ние како партија ќе сториме сé, за да ја одржиме и унапредиме оваа позитивна пракса –додаде Јовкоска.

Пред присутните се обрати и потпретседателката на ГРОМ, Мавие Мехмети, која посочи дека за нејзината партија, граѓанинот се наоѓа во центарот на вниманието.  Меѓу другото, најави дека идните активности ќе бидат насочени кон изнаоѓање на позитивни решенија кои го јакнат концептот на мултиетничност во нашата држава.

-Во речникот на Граѓанската опција за Македонија, не постои зборот етничка поделба. Ние се појавивме пред народот да им докажеме дека сите сме еднакви и рамноправни. Секоја солза, болка, или пак насмевка се исти, независно од тоа на која националност припаѓа. Главниот иницијатор кој се појави на политичката сцена за да го докаже тоа е претседателот на ГРОМ, господинот Стевчо Јакимовски – констатираше Мехмети.

Во таа насока говореше и членот на Централниот одбор на ГРОМ, Шеваљ Прешова, која пред присутните ги образложи  демократските начела кои се есенцијален дел од програмата и статутот на партијата од центарот.

-Лидерот на нашата политичка партија, господинот Јакимовски, ширум ги отвори вратите за сите подеднакво, каде што секој граѓанин ќе има можност да го искаже сопствениот став, а притоа ќе може да ги реализира своите амбиции и цели.  Заедно сакаме да им понудиме избор на сите храбри луѓе, кои се доволно смели да се соочат со секојдневните предизвици и кои се подготвени да зачекорат по вистинскиот пат кон просперитетот – рече Прешова.

Во рамките на оваа свеченост се обрати и првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој особено се осврна кон реализирање на правата на етничките заедници во Македонија. Тој посочи дека неговата политичка опција, во етничките и верските разлики не гледа никаков хендикеп, туку напротив, предност и можност за градење на општество во здрави рамки.

-Лично сметам дека токму ние Mакедонците, како мнозински народ во нашата држава сме најодговорни за спроведување на етничките права во неа. Вие знаете дека јас како градоначалник на општина Карпош се погрижив да се изгради првата легална џамија во неалбански дел во Македонија. Нашата локална самоуправа нема директни обврски според рамковниот договор да вработува албанци. Меѓутоа ние вработуваме, бидејќи сметаме дека тоа е наша потреба. Затоа што, нашите браќа и сестри албанци, многу поефикасно ќе ги завршат своите обврски, доколку имаат свои претставници во општинската администрација – резонираше Јакимовски.

Претседателот на ГРОМ покрај другото, ги презентираше идеите за поефикасно образование, а предложи и нужни реформи во јавното здравство, навлегувајќи во сферата на изнаоѓање на посебни модуси со кои ќе се засили стандардот и нивото на стручност во овој битен сектор.

Јакимовски, најави сериозна програма која има за цел, подобрување на економијата и стопанството, првенствено преку прераспределба на буџетските средства во приватниот сектор. Според него, намалувањето на буџетските расходи треба да го поттикнат приватниот сектор кој има неограничени можности за експанзија. Со сериозни сугестии, првиот човек на ГРОМ говореше за потенцијалот и придобивките од земјоделието, како просперитетна гранка во Македонија.

-Поентата на субвенциите и стимулациите е на земјоделците да им се намалат трошоците за производство, со крајна цел, потрошувачите да добијат поевтини производи. И самите сте сведоци дека тоа не се случува. Згора на сé, не е во ред земјоделците да плаќаат данок на приход. Тие треба да користат нафта без акцизи и ддв, да работат со ѓубрива и семенски материјали кои нема да бидат оптоварени со царински давачки, а предлагам и посебна едукација и изнаоѓање на соодветен пласман на странските пазари.  Освен овие мерки, потребно е да се вложува во инфраструктурни објекти за да се зголеми ефектот од производството.

Сé на сé, сакам да ви кажам дека ГРОМ има слух за потребите на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, полова и социјална припадност. Ние сакаме да овозможиме добра понуда со поголем избор, што значи поголем степен на демократија  – финишираше Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin