Мартин Колевски, прв претседател на ОО на ГРОМ – Гази Баба

ГРОМ - Гази БабаГРОМ ЌЕ УРИВА СТЕРЕОТИПИ

Дипломираниот економист Мартин Колевски е претседател на Општинската организација на ГРОМ од Гази Баба. Нему поддршка му дадоа сите 98 присутни делегати-основачи на ГРОМ од оваа скопска општина, кои на Основачкото собрание, исто така едногласно, ги изгласаа и Општинскиот и Надзорниот одбор.

Обраќајќи им се на своите сопартијци со благодарност за поддршката и за довербата, Колевски изрази убедување дека ОО на ГРОМ – Гази Баба со елан ќе работи на издигнувањето на партијата, а со тоа и на Гази Баба и на Македонија.

– Во Гази Баба отсекогаш живееле граѓани од различни етникуми. На овој простор отсекогаш заеднички живееле Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми… Отсекогаш сме биле и ќе бидеме заедно. Ние не треба да се конфронтираме, туку, напротив, да се натпреваруваме и со заеднички сили да ја изградиме Македонија во почитувана, мирна и среќна земја на Балканот. Она што во моментов на Македонија и треба е нова визија! Не само да кажеме „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, туку да му дозволиме на секој млад човек да го докаже тоа, да ја почувствува моќта на своето знаење“ – поентираше Колевски.

Понесена од младешкиот ентузијазам, кој е очигледна карактеристика на новоформираната Општинска организација на Гази Баба, со особена инспирација на присутните им се обрати и потпретседателката на Граѓанска опција за Македонија, Мавие Мехмети.

– Многумина ме прашуваат зошто во ГРОМ, а не во некоја друга партија! Па, јасно и гласно ќе кажам: Затоа што сум храбра жена! Затоа што не се плашам од никого! Тука сум да им докажам на граѓаните дека досега пешачевме во погрешна насока! Но, сега се роди една друга опција. Сите политички партии имаа шанса, имаа и време да го кажат својот збор на политичката сцена, да покажат и да докажат што можат да направат за граѓаните и за животот во Македонија! – децидна беше Мехмети.

Пред членовите на ГРОМ од Гази Баба говореше и претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој на самиот почеток изрази задоволство од составот на новата Општинска организација.

– Мое мислење е дека и партиите и државата треба да ги водат најспособните. Но, во политиката треба да си тимски играч. Затоа, моја намера е да ја водам партијата овој и наредниот изборен циклус, а потоа таа функција да ја препуштам на некој од вас, младите – рече Јакимовски, подвлекувајќи дека ГРОМ е партија што ќе урива стереотипи.

Лидерот на Граѓанска опција за Македонија детално ја образложи и програмата на партијата, особено задржувајќи се на нејзините визии за напредок на Македонија на полето енергетика, земјоделство, стопанство, спорт, култура, образование…

– Ако во нешто сме светски шампиони, тоа е градењето споменици. Па, доста е!  Државата не се прави со лопати, туку со политика! И Чаушеску ја направи втората најголема зграда во светот, па видовме како заврши – упати саркастилни забелешки кон оваа политика на власта Јакимовски.

На крајот, тој уште еднаш им честита на членовите на ГРОМ од Гази Баба за изборот на раководството и ги потсети дека благосостојбата на сите граѓани, а не популизмот, треба да биде водечката мисла во работата на сите членови на ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin