Избрано раководството на ОО на ГРОМ во Кратово

Избрано раководството на ОО на ГРОМ во КратовоИ ВО КРАТОВО ЗAЧАДИ ОЏАКОТ НА НАШАТА КУЌА

 Со едногласна поддршка на 60 делегати на Граѓанска опција за Македонија, Дарко Апостолов вечерва беше избран за прв претседател на Општинската организација на ГРОМ од Кратово. На Основачкото собрание во овој град беа избрани и Општинскиот и Надзорниот одбор на општинската организација.

Изразувајќи благодарност за укажаната доверба, Апостолов на своите сограѓани и сопартијци им порача дека од нивниот беспрегорен труд ќе зависи иднината на сите кратовчани зашто новиот политички субјект кон кој тие пристапиле се бори за еднаков регионален развој во Македонија и за Кратово повеќе да не биде град на неповратно иселени млади луѓе.

На членовите и на симпатизерите на Граѓанска опција за Македонија им се обрати и потпретседателот на ГРОМ, Тодор Чепреганов, кој зборуваше за актуелната состојба во македонското општество.

– Партиите се претворија во завод за вработување. Не постои повеќе никаква идеологија! Но, сега се појавува ГРОМ, а таа нуди граѓански концепт во кој индивидуалното ќе има предност наспроти колективното – истакна потпретседателот Чепреганов.

Членството на ГРОМ од Кратово со големо задоволство го дочека и обраќањето на претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој пред нив детално ја презентираше партиската програма, визиите и заложбите на Граѓанска опција за Македонија.

Јакимовски зборуваше за намерата на ГРОМ, како одговорен политички субјект, да го поддржува приватниот сектор со што ќе се овозможи негов развој, а со тоа и зголемување на можностите за вработување. Во таа смисла, претседателот на ГРОМ ја осуди концепцијата што ја применува оваа власт, а со која граѓаните, особено помладите, се насочуваат својата перспектива да ја бараат во администрацијата, која нема можности да продуцира работни места според порастот на бројот на работоспособно население.

Лидерот на Граѓанска опција за Македонија се осврна и на енергетиката како поле на кое власта не направила никакви заложби и инвестиции, доведувајќи ја со тоа државата во состојба да биде увозно-зависна, што директно се одразува на стандардот на граѓаните.

Јакимовски зборуваше и за здравството, образованието, културата и спортот како важни сегменти од општествениот живот, во кои власта само привидно вложува или дури и кога вложува огромни средства, тие не даваат соодветни резултати.

За крај, претседателот на ГРОМ им порача на своите сопартијци од Кратово да бидат храбри зашто заслужуваат да имаат власт од која нема да се плашат, а до таква власт можат да дојдат само со упорност и со работа.

– Вечерва и во Кратово почна да чади оџакот на нашата заедничка куќа. Мојата девиза е „џабе работи, џабе не седи“, а токму таа ме направи тоа што сум. Ако сите заедно храбро работиме, резултатот неминовно ќе биде успех – заврши Јакимовски.    

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin