Спасе Димоски, прв претседател на ОО на ГРОМ – Македонски Брод

Спасе Димоски, прв претседател на ОО на ГРОМ – Македонски БродГРОМ ЌЕ СВЕТНЕ НА СЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

Граѓаните на Македонски Брод од денеска имаат подобар избор од црно-белата понуда на македонската политичка сцена. Таму вечерва 87 делегати на Иницијативниот одбор на Граѓанската опција за Македонија едногласно ги изгласаа составите на Општинскиот одбор и на Надзорниот одбор на Општинската организација на ГРОМ. На ова Основачко собрание, 23-то по ред, исто така едногласно, за претседател на Општинската организација беше избран Спасе Димоски.

Новоизбраниот претседател на ОО на ГРОМ – Македонски Брод им се заблагодари на своите сопартијци за поддршката и за довербата и им вети дека тој и органите на оваа општинска организација секогаш ќе работат во интерес на сите граѓани на овој град. Димоски подвлече дека сите граѓани се подеднакво важни и дека блискоста со секој од нив ќе донесе можност ГРОМ во Македонски Брод да оствари успех.

Изборот на Димоски за претседател и на сите членови на Општинскиот и Надзорниот одбор им го честита лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој во својот говор, на членовите на ГРОМ од овој град детално им ја образложи партиската програма и нејзините заложби.

Јакимовски зборуваше за предноста на ГРОМ наспрема другите партии што ѝ ја обезбедува мултиетничноста и мултијазичноста и за тенденциите тие квалификации на партијата да се аплицираат и во општествениот живот на Македонија. Тој, исто така, ја спомена потребата од еднаков економски и инфраструктурен развој на сите делови од државата, како и за намерата да се намалат буџетските трошоци кои се насочени кон нестопански инвестиции. Јакимовски ја истакна и тенденцијата да се поддржуваат малите и средни претпријатија чиј распон на работни места може да оди до недоглед наспрема државната администрација која со сегашната политика на власта станува преоптоварена и со тоа инертна.

Претседателот на ГРОМ зборуваше и за образовниот систем, кој во сегашни услови го пренагласува високото образование на сметка на предучилишното, основното и средното образование.

– Каде ние образуваме и обучуваме столари, механичари, тапетари, бравари? Нам ни се потребни тие кадри, а ние немаме установи што се специјализирани за да ги создадат. Наместо тоа, се предлага државната матура задолжително да го опфати и предметот математика. Се прашувам, што ќе му е на еден лингвист или на еден историчар математика? – рече Јакимовски.

Тој се задржа и на другите сегменти од програмата на ГРОМ кои ја издвојуваат оваа партија од другите политички субјекти, како што се политиките предвидени во поглед на енергетиката, екологијата, телекомуникациите, здравството, спортот…

– Сите знаеме кој е Виталиј Кличко, носителот на златниот појас во ВБА-верзија, но знае ли некој кој е петти во таа категорија? Само кај нас се брои петто место. Се направија еден куп сали, се пресекоа еден тон панделки, ама, ајде, сега нека влезе некој, на минус 15 степени, да вежба во тие сали! Не може така! За ГРОМ спортот се спортистите, тие треба да ја добијат поддршката – децидно истакна Јакимовски.

За крај, претседателот на партијата на своите сопартијци од Македонски Брод им посака успешна работа и им упати апел да ја следат идејата на ГРОМ зашто токму таа е најсилна од сè.

– Длабоко сум убеден дека нашата идеја е силна, чесна и дека во вистинско време се појавува на македонската политичка сцена, но и дека ГРОМ својот полн сјај ќе го покаже на следните локални избори во 2017 година – заврши Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin