Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Партиската програма на ГРОМ презентирана пред прилепчани

Партиската програма на ГРОМ презентирана пред прилепчаниНА РЕД СЕ ГРЦИТЕ ДА ПРАВАТ ОТСТАПКИ

Околу 150 прилепчани, членови и симпатизери на ГРОМ, вечерва се собраа во салата на старата општинска зграда во Прилеп за да учествуваат во отворената трибина на која беше презентирана програмата на Граѓанска опција за Македонија.

Прва на симпатизерите на ГРОМ им се обрати Елизабета Димоска, која, меѓу другото, се задржа на еден од клучните проблеми на овој регион од земјата, пласманот на земјоделските производи и проблемите со кои се соочуваат тутунопроизводителите. Таа на прилепчани детално им ја образложи стратегијата што ГРОМ ја предлага за унапредување на оваа стопанска гранка.

– На македонското земјоделство му е потребна соодветна стратегија за извоз, за отворање нови пазари за пласман на нашите производи, но и намалување на цените на репроматеријалите што ќе обезбеди и конкурентност на производството и ниски цени на прехранбените продукти за домашните граѓани – подвлече Димоска. Таа ја истакна и потребата од здружување на земјоделците, понатамошна поддршка во вид на субвенции и стимулации, сето тоа во паралела со инвестиции во инфраструктурата и во мелиоративните системи.

За делот од програмата на ГРОМ што се однесува на спортот како општествена активност, пред прилепчани говореше Николче Здравевски, долгогодишен фудбалер и тренер. Тој подвлече дека Граѓанската опција за Македонија смета дека поддршката за спортот треба да се интегрира во македонското законодавство и дека спортот треба да им стане достапен на сите социјални структури на граѓани и на сите возрасни категории. Здравевски истакна и дека ГРОМ има намера спортот да им го направи достапен и на граѓаните со посебни потреби, во преден план отворајќи спортски центар за глуви и наглуви лица во Македонија.

Свое обраќање кон симпатизерите на ГРОМ од Прилеп имаше и организацискиот секретар на партијата, Панчо Минов, кој на прилепчани им го објасни сегментот од партиската програма што е формулиран како „дескопјанизација“, а кој подразбира еднаков регионален развој на земјата, но и зголемување на ингеренциите на локалните власти. Минов говореше и за потребата дел од доменот на дејствување на Министерството за внатрешни работи, кој се однесува на јавниот ред и мир и на сообраќајното управување, да се сведе под локалната власт. Организацискиот секретар на ГРОМ направи споредба меѓу Општина Кавадарци и Општина Карпош наспроти  другите општини во Македонија во поглед на поддршката што овие општини им ја даваат на индивидуалците и на квалитетните идеи, подвлекувајќи дека во тој поглед тие многу визионерски одат понапред од сите останати општини.

Прилепчани ги поздрави и претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој вечерва освен што ја презентираше програмата на партијата, исто така одговараше и на прашањата што му ги упатија симпатизерите на ГРОМ, жители на градот под Марковите Кули. Во фокусот на интересот на прилепчани беше ставот на ГРОМ во поглед на надворешната политика и на спорот за името на државата. Одговарајќи на поставеното прашање, Јакимовски истакна дека партискиот став во однос на името на земјата е добро познат и дека ГРОМ нема намера ни како СДСМ „да го соопшти решението кога ќе дојде на власт“, ни како ВМРО-ДПМНЕ да се крие зад референдум.

– Ние во овој спор веќе направивме три отстапки: го променивме Уставот, откажувајќи им поддршка на нашите во соседните држави, го сменивме знамето и го прифативме најсмешното име на планетава, поранешна југословенска Република Македонија. Е сега, ред е Грците да направат исто толку отстапки – децидно подвлече Јакимовски, додавајќи дека ставот на ГРОМ е со Грција да се постигне билатерален договор за името во меѓусебната комуникација, а во односите со сите останати, Македонија да си го задржи уставното име.

Прилепчани се интересираа и за тоа со кого планира ГРОМ да коалицира на следните избори, а во таа смисла претседателот на партијата одговори дека Граѓанската опција за Македонија претендира да стане парламентарна партија и дел од власта.

– Зарем е логично да барам од вас да се приклучите на ГРОМ и да велам дека не ја сакаме власта? – рече Јакимовски и додаде дека вистинската моќ на оваа партија ќе се покаже на локалните избори во 2017 година.

По завршувањето на трибината, прилепчани беа дел од свечениот чин на отворањето на канцеларијата на ГРОМ во центарот на градот.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin