Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ ги разбуди надежите на бутелчани

Vangel KaraivanovНа денешното основачко Собрание кое се одржа во административната зграда на општина Бутел, дипломираниот инженер архитект Вангел Караиванов, беше избран за претседател на општинската организација на ГРОМ за Бутел. Во оваа пригода тој се заблагодари за укажаната поддршка и истакна дека довербата од неговите сопартијци, за него, освен голема чест претставува сериозна обврска и одговорност, во поглед на предизвиците кои со себе ги носи оваа функција.

-Ќе работам посветено и со огромен ентузијазам, пред се, затоа што ГРОМ тоа го заслужува. Ова е партија на младите, партија на неопределените но и на определените кои се жедни за нова визија, за нешто поубаво и покреативно – рече првиот човек на општинската организација на ГРОМ – Бутел. Тој пред своите сограѓани ги презентираше партиските цели и приоритети, поврзани со економскиот развој на оваа скопска општина.

-Во Бутел се наоѓа индустриската зона Визбегово, која со својот голем капацитет и потенцијал, седи неискористена. Оттука минува единствената обиколница на Скопје, односно главната сообраќајна аорта. Во очите на визионерите, тоа е  главниот предуслов за поволни капитални инвестиции. Лично сметам, дека во  делот на падините од Скопска Црна Гора над Радишани, треба да се изградат неколку затворени елитни населби, затоа што самиот амбиент претставува идеална подлога за реализација на една ваква урбана идеа – констатираше Караиванов..

Во присуство на многубројните подржувачи на новата партија од центарот, говореше координаторката  на младите на ГРОМ од Бутел, Елена Јакмовска која ја образложи новата визија и алтернативите кои ги нуди оваа политичка опција.

-Ние сакаме поинаква Македонија, сакаме држава на пружени шанси, простор за реализација  и за творење, каков што досега немавме.  Во таа насока ГРОМ мисли на младите и на нивната иднина. Во својата платформа и програма има десетици проекти и конкретна  стратегија како да дојде до вистинска афирмација на младите, кои во иднина треба да ја понесат со себе визијата на ГРОМ и да го продолжат нејзиното „живеење“. Нам ни  се потребни работни места и простор за делување, бидејќи токму младите можат да го внесат потребниот колорит во политичкото сивило – поентираше Јакимовска.

На вечерашната свеченост присуствуваше и претседателот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода го истакна значењето од формирањето на новиот политички субјект.

– Сметам дека создадовме партија која ќе го детерминира новиот баланс на политичката сцена. Според анкетите, ГРОМ се наоѓа на третото место, со што сериозно претендира да се наметне како активен чинител  во креирањето на стратешките цели, кои ги засегаат сите граѓани на Македонија – посочи Јакимовски. Според него, од особено значење е одржувањето на мирот во земјава, а главен предуслов за тоа е градењето на добри мултиетнички односи.

– Ние сме партија, која ја вреднува  мултиетничноста и мултиконфесионалноста ја препознава како предност. Од таквата шареноликост Република Македонија може да има само корист. Би сугерирал, заеднички да ги разгледуваме правата на етничките заедници, бидејќи од нашиот демократски капацитет зависи стабилноста на Македонија. Сето тоа влијае и на државната економија, пред сé од аспект на странски инвестиции. Имено, секој инвеститор би сакал да го вложи својот капитал во подрачје во кое владеат правото, мирот и стабилноста – додаде претседателот на ГРОМ.

Првиот човек на партијата од центарот, посебно се осврна кон прашањата од енергетскиот сектор, допирајќи различни теми кои опфаќаат развој на алтернативни и обновливи извори на енергија. Преку образложување на конкретни предлози и мерки за подобрување на условите во образованието, реформи во земјоделието, вложување во инфраструктурни објекти и унапредување на спортот, Јакимовски ги посочи приоритетите на неговата партија. Тој стави посебен акцент на поттикнувањето  на малите и средни претпријатија, како битни двигатели на стопанството.

-Перспективата на македонската економија, треба да се бара во приватниот сектор. Мојата логика вели ,,повеќе пари кај граѓаните и претпријатијата, помалце пари кај Владатa’’. Ако поради нас стагнираат претпријатијата, кој ќе биде носител на економскиот развој? Кој ќе обезбедува проширена репродукција? Токму поради тоа, одговорно тврдам дека е потребно да се  релаксира монетарно-кредитната политика и на тој начин да се стимулираат  стопанските субјекти – резонираше Стевчо Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin