СПОРТСКАТА (НЕ) КУЛТУРА ВО НАШИТЕ АРЕНИ

М-р Аце Миноски
М-р Аце Миноски

М-р Аце Миноски
Член на ИО на ГРОМ Карпош

Поводот за ова мое писание е едноставен. Настаните во нашите спортски арени, навивањето и односот кон врвните спортисти.

Гледајќи што се случува во нашите спортски арени, човек просто останува стаписан колку е ниско нивото на спортската култура кај нас.

Врвните спортисти, макотрпно работат за да ги достигнат врвните перформанси, со редовни напорни и исцрпувачки тренинзи, темпирајќи ја својата форма за тешките натпревари. Само тие знаат што значи постојано да си на тренинзи, на патувања, на натпревари, речиси седум дена во неделата, и така со месеци и со години, за да се достигнат спортските височини и да се влезе во орбитата на славните. Колку реки пот треба да се пролеат, да се поминат илјадници километри на спортските терени, да се искинат дузина спортски обувки, да се сменат стотици испотени дресови.  Да се откажете од неброени семејни веселби (свадби, крштевки, имендени, а не често се случува да дознаете за првата рожба додека сте во авион, воз, автобус, хотел или додека сте на спортскиот терен).

Затоа врвните спортисти заслужуваат респект, заслужуваат да го извикувате нивното име и кога им оди и кога не им оди. Кога ќе направат некој добар потег да се наградат со аплауз, но да не се исвиркуваат кога ќе промашат некој „зицер“. Сите ние кои одиме на спортските натпревари, треба да знаеме дека и тие се луѓе од крв и месо, со свои емоции и чувства.

Тоа го има во развиениот свет со висока спортска култура. Затоа често пати можеме да видиме како цели семејства се на спортските терени, облечени во боите на својот клуб, со платени редовни или претплатни билети.

Затоа што таму својот клуб се сака со срце и кога е шампион, ама се сака и кога се бори за опстанок. Се пеат песни и се извикуваат имињата на играчите и кога ќе постигнат погодок но и кога ќе промашат пенал.

Но, исто така знаат да го наградат и играчот од противничкиот тим со аплауз  доколку направи извонреден потег, постигне атрактивен погодок од невозможна позиција, добар дриблинг, атрактивно проигрување.

Посебно место зазема и високо се цени спортскиот фер плеј и спортскиот бон тон. Намерно исфрлената топка надвор од теренот со цел да се помогне на повредениот противник, намерно нереализираниот пенал кој неправедно е досуден, намерно промашениот слободен удар или врзувањето на врвците од спортскиот чевел на противничкиот голман, се само мал дел од гестовите на големите спортисти.

Но тоа некако како да е сеуште далеку од нас.

Ние како да живееме на некоја друга планета.

Кај нас можете да видите како врвните спортисти се навредуваат, по нив се фрлаат разни предмети, се критикуваат за едно лошо додадена топка, лошо изигран потег.

Кога победуваат ги воздигнуваме во херои, ги возиме со автобуси низ триумфални капии, правиме фешти по плоштади.

Но, кога тие наши херои ќе загубат, и тоа на врвно натпреварување и кога нема да ги остварат нашите очекувања, тогаш освен роднините и по некој пријател, никој не ги пречекува. Нема заслужена почит за нивните напори и вложениот труд.

Дали ова може да е промени?

Секако, ако почнеме повеќе да се почитуваме меѓусебе и да ги почитуваме сопствените спортисти. Ако уште од мали нозе ги учиме нашите деца на спортската култура и етика. Да разберат дека спортот се успеси, но и порази, дека противникот не ни е непријател, туку спортски пријател, дека спортот е надигрување и дека победува оној кој во моментот е подобар и поподготвен, дека треба да се награди добриот спортски потег како на својот така и на противничкиот играч.

За тоа се неоходни неколку предуслови, а тоа е пред се да ги одстраниме хулиганите и насилството од спортските арени. Тоа е многу едноставно: стриктно да се примени Законот против насилство на спортските терени. Спортските клубови да работат со своите навивачи, и пред се да ги едуцираат за спортско навивање. Да се исфрли навредливиот вокабулар од навивачките песни, да се забрани на насилниците кои сториле сериозни престапи достап до спортските арени на подолг период. Да се зголеми одговорноста на оние кои ги обезбедуваат спортските натпревари со одземањето на лиценците или со одстранување од работното место, доколку прикријат некој насилник, или дозволат внесување предмети кои претставуваат опасност за спортистите или публиката во спортските арени.

Тогаш нема да ни се случуваат инциденти, во едно врвно натпреварување како што е Лигата на шампиионите, спортистите да бидат гаѓани со столче, а и после три дена да не се знае идентитетот на сторителот, иако него го видоа милиони гледачи на ТВ екраните и уште повеќе читатели на сликите на спортските весниции портали.

Затоа приоритет треба да ни биде наградувањето и пред се, промовирањето на младите спортисти и спортски таленти, кои постигнале врвни резултати, а кои се наши соседи и пријатели. Со објавувањето на стории за нив, нивните спортски навики, за нивниот спортски пат, за нивните симпатии, треба да се гради спортскиот дух и култот кон спортската личност.

Поканувањето на врвни спортисти, кога тоа им го дозволува времето, на натпреварите на младинските екипи, ќе придонесе да се подигне моралот кај младите спортисти, кои се поистоветуваат со своите спортски идоли.

Треба да се негува и организираното одење на учениците од училиштата на спортските натпревари на врвните сениорски екипи, на сениорските репрезентации, а пред се на младинските репрезентации. Тоа може да претставува поттик за многу млади луѓе да почнат да се занимаваат со спорт и на тој начин да се оддалечат од пороците што ги носи современиот начин на живот.

Да се потрудиме да создадеме некој нов Горан Пандев, Артим Шаќири, Тодор Гечевски, Кире Лазаров, Стефче Алушовски, Вели Мумин, Шабан Сејдиу, некоја нова Стојна Вангеловска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева.

Арените да бидат полни кога игра Македонија против Англија, Шпанија, Холандија, но и кога игра со Малта, Лихтенштајн, Ерменија. Да навиваме кога играат Вардар, Металург, Хоризонт Турново, Шкендија, Ренова, Дрита, Работнички, дома или во некое врвно европско натпреварување. Прекрасно беше чувството да се види како ракометарките на Вардар огнено ги бодрат своите колеги на паркетот, како цели фамилии навиваат за Металург, како сплотени заедно навивавме за нашите ракометни екипи кога играа со Барселона или ПСЖ. Како спортски и со овации се поздравува Кире Лазаров иако настапува за противничка екипа.

Ова се навистина скромни почетоци кои треба да се поттикнуваат и да ги има се повеќе во нашиот спорт. Но, ако ова се прошири насекаде, во целата држава и на сите спортски терени, тогаш ќе знаеме дека сме ја постигнале целта на славење на спортот и спортистите.

Ете таков спорт сакаме, таков спорт ГРОМ поддржува и тоа е нашата заложба.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin