Трибина на ГРОМ во Драчево

Трибина на ГРОМ во ДрачевоСКОПЈЕ НЕ Е САМО ЦЕНТАРОТ

Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ денеска, 24 ноември, својата програма им ја приближи на драчевци. Лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, на трибината што се одржа во  Домот на Месната заедница во Драчево, детално ги образложи целите и заложбите што се имплементирани во партиската програма. Тој се задржа на приоритетите што ја прават програмата на ГРОМ поинаква од сè друго што се нуди на политичката сцена на Македонија, но пред сè на потребата да се овозможи еднаков развој на сите региони од земјата.

– Ние мораме да работиме дури и на тоа Скопје да се „дескопјанизира“! Скопје не е и не може да биде само еден квадратен километар и сите инвестиции да се слеваат таму. Што станува со Драчево, со Бутел, со Пинтија? И таму исто така живеат скопјани, но тие не ги чувствуваат придобивките од инвестициите во центарот на градот. А и ним им е потребна инфраструктура, потребни им се можности за спортување, за културно-општествен живот, квалитетно здравство итн. А, ако запоставени се чувствуваат драчевци, радишанци и така натаму, како ли се чувствуваат тие од другите градови во Републиката? Какви услови за живот имаат тие? Знаете ли дека, на пример, во Виница има една улица што виничани на шега ја нарекуваат „улица Дуќанот се издава“? – праша Јакимовски и додаде дека комплетно погрешната демографска политика што ја води оваа власт ќе резултира со опустошување и на цели градови, а не само на селата во земјава.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија зборуваше и за потребата инвестициите, наместо во споменици, да се насочат во развој на стопанството и на инфраструктурата, како и во енергетски објекти и алтернативни извори на енергија кои ќе ја направат Македонија и нејзината економија помалку зависна од увозот на енергенти, како и помалку подложна на ценовните шокови што произлегуваат од него.

ГРОМ смета, според зборовите на Јакимовски, дека има простор и за понатамошен развој на телекомуникацискиот сектор со намалување на цените на телефонската и интернет-комуникацијата, но и дека секоја партија која размислува да биде релевантен субјект на политичката сцена мора да се вклучи во светскиот тренд на еколошка грижа за планетата. Покрај тоа, лидерот на ГРОМ зборуваше и за неликвидноста на македонското стопанство, за премногу теоретското образование кое има мала употребна вредност, за земјоделството кое, низ субвенциите и стимулациите, добива само фиктивна поддршка, за јавното здравство на кое му се одзема квалитетот преку испумпување на кадрите во приватниот здравствен сектор…

– Ние во државата имаме вештачки создаден привид дека само Владата работи, а граѓаните ги мерат улиците. ГРОМ не се согласува со таква илузија. Ние сакаме да создадеме перспектива за младите луѓе да работат и тоа не така што ќе ги насочиме да бараат „покрив над глава“ во државната администрација, туку така што ќе создадеме услови за стопанството да се развива и да апсорбира што повеќе работна сила – рече Јакимовски.

За крај, тој подвлече дека програмата на партијата нуди многу причини заради кои вреди ГРОМ да се поддржи и порача дека секојдневните контакти со граѓаните уште повеќе ќе ја збогатат и ќе овозможат да се креира квалитетна платформа со која ГРОМ ќе се наметне на политичката сцена како сериозен политички субјект.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin