М-р Ивана Митева избрана за претседател на ОО Чешиново – Облешево

М-р Ивана МитеваДА СЕ БИДЕ ВО ГРОМ ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ ХРАБАР

На дваесеттото јубилејно Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМ, за Општина Чешиново – Облешево, вчеравечер, 24 ноември, 40 присутни делегати едногласно и ја дадоа раководната функција на м-р Ивана Митева. Обраќајќи им се на присутните чиј претседател ќе биде во следниот период, Митева им се заблагодари за довербата и истакна дека успесите на оваа општинска организација ќе бидат заеднички успеси на сите нејзини членови.

На Основачкото собрание, покрај предлог-одлуката за претседател, едногласно беа усвоени и предлог-составите за Општинскиот одбор и Надзорниот одбор на организацијата на ГРОМ за оваа општина.

Присутните со видна нетрпеливост го дочекаа и обраќањето на лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој низ низа реторички прашања упатени до власта, детално ја образложи партиската програма и заложбите на ГРОМ.

– Каква е таа власт ако граѓаните се плашат од неа? Каква е таа демократија ако граѓаните се плашат од власта? Немаат ли медиумите и новинарите вина за тоа каква власт имаме и за тоа колку е демократско нашето општество? Не е ли вистина дека ако еден медиум премолчи некоја грешка на власта, со тоа по автоматизам ја охрабрува да направи друга? Можно ли е да зборуваме за демократија ако дел од медиумите ја поддржуваат само власта, а друг дел – само опозицијата, притоа не создавајќи соодветен простор и за трета опција? – низ прашања порача Јакимовски дека мора да се промени нешто во медиумскиот простор.

Лидерот на партијата, имајќи предвид дека во општина Чешиново – Облешево живее претежно население што се занимава со земјоделство, зборуваше мерките што ги предвидува програмата на ГРОМ во однос на тој дел од македонското стопанство.

– ГРОМ смета дека земјоделецот мора да се ослободи од стегите наметнати од даночната власт. Земјоделството е нископриходна гранка, па за оние што живеат од него да можат да продолжат да се занимаваат со својата работа мора да ги ослободиме од персоналниот данок на доход, да воведеме олеснувања во смисла на „зелена нафта“ и намалена даночна стапка за вештачките ѓубрива и пестицидите. Но, земјоделството не може да напредува само со толку. Како и ќе напредува ако за осум години не е направен ниту еден мелиоративен систем, не е изградена ниту една брана за наводнување? Можно ли е да зборуваме за развиено земјоделство ако посевите ни зависат од Господ, ако парцелите не се окрупнуваат, ако не се отвораат нови пазари за пласман на произведеното – рече Јакимовски.

Тој ги образложи и другите идеи што добиваат своја артикулација низ програмата на ГРОМ, а се однесуваат на стопанството, образованието, здравството, спортот, културата, енергетиката… На крајот од своето обраќање, претседателот на Граѓанска опција за Македонија им порача на членовите на партијата од Чешиново – Облешево дека токму идејата е движечкиот фактор и дека заради добрата идеја вреди да се биде храбар.

– Секогаш можеш да бидеш храбар и искрен и, истовремено, да останеш чесен и да продолжиш да нижеш успеси. Бидете храбри и храбро ширете ја идејата на ГРОМ зашто само така Граѓанската опција за Македонија ќе го оправда своето храбро име и ќе стане релевантен фактор на политичката сцена во Македонија.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin