Бојко Илиевски, прв претседател на ГРОМ – Кочани

Бојко Илиевски, прв претседател на ГРОМ – КочаниГРОМ ЌЕ ГО ВРАТИ ОРИЗОТ НА КОЧАНСКИТЕ ПОЛИЊА

Деведесет присутни делегати, вчеравечер, 24 ноември, едногласно му ја дадоа својата доверба на Бојко Илиевски да биде прв претседател на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија од Кочани. На Основачкото собрание што се одржа во Мултикултурниот дом беа усвоени и составите на Општинскиот одбор и на Надзорниот одбор на оваа општинска организација на ГРОМ.

Обраќајќи им се на присутните, претседателот на ОО на ГРОМ – Кочани се заблагодари за укажаната доверба, но зборуваше и за горливите проблеми што последните години го тиштат населението од кочанскиот регион.

– ГРОМ има намера да понуди решенија за проблемите на граѓаните. Овде, во Кочани, тоа особено се однесува на оризовите полиња, кои по толку години традиција, полека се намалуваат, исчезнуваат – подвлече Илиевски.

За маките на земјоделецот и за тоа колку мала е поддршката за него од оваа власт, зборуваше и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

– Можно ли е да се развива земјоделство само со субвенции и стимулации? Дури и ако е вистина дека за субвенции се потрошени толку пари колку што тврди оваа власт, тоа би значело дека нашите земјоделци се извонредно богати луѓе, во прилично добра состојба. Но, бидејќи очигледно не е така, тогаш треба ли да заклучиме дека тие пари завршиле во некои други џебови? – праша Јакимовски и додаде дека земјоделството има потреба и од инвестиции во мелиоративните системи, како и во  инфраструктура.

Во поглед на инфраструктурните услови, Јакимовски истакна дека за нашата земја особено е важно да се овозможи еднаков развој на сите региони во земјава, подвлекувајќи дека источниот дел од Македонија во споредба со цела поранешна Југославија изгледа најзаостанато.

Претседателот на ГРОМ зборуваше и за други приоритети на партиската програма што, според неговите зборови, ја прават поинаква од сите програми што на македонскиот гласач му ги нудат другите политички опции без разлика дали се од власта или опозицијата. Во таа смисла тој ги спомена мултиетничноста на ГРОМ, нејзината тенденција да донесе напредок во сферата на енергетиката и алтернативните извори на енергија, нејзината програмска определба да работи на подобрување на јавниот здравствен систем и на образованието…

Во финалето на својот говор, Јакимовски им честита на кочанци за направениот избор во однос на раководството и им порача да работат во слога и со меѓусебна почит, како и со многу разбирање за проблемите на граѓаните од овој град зашто правилната артикулација на нивните идеи ќе создаде квалитетна изборна програма на Граѓанската опција за Македонија.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin