БИБЛИСКА ЗЕМЈА

Проф. Д-р Зоран Т. Поповски

Секоја сличност со Република Македонија е „исклучена“.

ИЗГУБЕНА

Има една библиска земја која не излегува на море, а е некако островска како да нема соседи околу себе. Сите ја мразат, а упорно си измислува и нови непријатели. Додушa, си наоѓа и пријатели, ама сомнителни и од некаде набркани. Слугува во алијанси во кои не членува, а некако не ѝ се оди во друштво каде што ја чекаат.

Нејзините граѓани живеат едни покрај други, но не и едни со други. Автобусот е единствено јавно превозно средство во главниот град, но и  место за тепање и малтретирање.

На нејзината најплодна земја живеат нејзините најсиромашни жители. Нејзините фармери добиваат државна помош за да произведуваат помалку.

Земја во која сите некаде брзаат, а по правило секаде каснат. Таму вработените седат дома, стечајците се на улица, а невработените најмногу работат.Во неа јавните набавки се тајни, а државните тајни се јавни. За нејзините граѓани здравството е бесплатно, а лечењето исклучително скапо. Нејзините доктори и професори се прогласени за криминалци.

Тоа е земја во која сите млади студираат, а никој не учи. Таму младите кога ќе „дипломираат“ се вработуваат со партиски амин или бегаат „усвет“. Толку е богата таа земја што секој ученик е сокриен од својот даскал со компјутерски екран. Во таа земја, академската  автономија се гази како отпушок.

Нејзините најбогати жители се оние кои никогаш ништо не работеле. Таму  паметните ги прогласуваат за луди, а лудите за способни. Во неа со чесност, искреност и трудољубивост си осуден на неуспех. А зошто? Затоа што нејзините судии не судат, туку пресудуваат.  Во неа антикорупционерите спијат, а лустраторите месечарат.

Тамошните новинари смеат да напишат сѐ што ќе им порачаат нивните уредници и сопственици, а медиуми кои не знаат да објавуваат епови згаснуваат како свеќи.

Во таа земја луѓето живеат за историјата, а не за иднината. Таму сите се предавници. Едните на историјата, а другите на иднината. Изгледа дека таму никого не го интересира сегашноста.

Во таа непозната земја буџетот стално расте, а стандардот на нејзините граѓани постојано паѓа. Во неа се увезува струја, а од неа се извезува историја. Таму едни крадат, а други ѓоа градат. Во неа најпопуларни апарати за домаќинство се пералните за мозоци и пари.

Нејзиниот главен град ја има најголемата постојана светска изложба на споменици. Таму во архитектурата се клонира барокот, а кичот стана уметнички правец. Покрај нејзините реки бродовите стојат, а жалните врби плутаат.

Таа има свои иселеници кои од што толку ја сакаат, не сакаат да ја видат, па си праќаат свои министри – делегати за староседелците да не ги заборават. Ееее, тешко си на таа изгубена земја.

ВЕТЕНА

Ама близу до неа има една друга земја. Шарена и убава, во секој поглед. Со благородни и трудољубиви луѓе, добронамерни комшии, срдечни домаќини. Во неа се европскиот Ерусалим и градот амфитеатар. Градови и села полни со автентични градби, со стари маала и со многу традиција. Најубавите цркви и џамии, амами и манастири се прави белегзии на нејзината става.

Земја, колевка на писменост и лулка на историја. Секоја нејзина педа си носи приказна од пред милениуми и векови. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Карпош, Гоце, Ниола, Јане, Ченто, Лазо, Питу, Киро и многу други се хроничарите на нејзината историја. Тегобна и крвава, ама нејзина и автентична.

Земја со прекрасни езера и планини, чисти реки. Земјата на рисот, на охридската пастрмка, на шарпланинецот, на илјадници растенија, печурки и животни од кои голем дел се ендемични. Матка, Охрид, Радика, Куклици, Смоларе, Маврово се само мал дел од природните украси на оваа убавица.

Земја од која се недрат вкусни овошја и зеленчуци, во која се подготвува највкусна храна. Преспанско јаболко, тиквешко грозје, струмичка пиперка, бардовска зелка, прилепски тутун, скопски јабучар, беровски компир, лазарополско сирење, крушевско јагне, тетовски грав, кочански ориз и т.н. и т.н.

Тоа е земја која триста дена ја грее сонцето, а утробата ѝ е полна со рудни богатства. Нејзините шуми се воедно нејзини бели дробови кои ги полнат градите на нејзините граѓани.

Низ таа земја ечат звуци на архаични инструменти и се создава најубава музика. Во таа музика се споени минатото, сегашноста и иднината. Тоше, Влатко, Виолета, Наум, Калиопи, Владо, Синтезис и многу други се ткаачите на македонските музички везови.

Во неа паѓале и сеуште паѓаат европски и светски спортски великани пред македонските јунаци како што се Богој, Буштур, Аце, Шабан, Дарко, Кире, Стефче, Артим, Тоше, Перо… Македонската фаланга ним не може да им одолее.

Ееее, драги мои тоа е ветената земја. Нејзе треба да и дадеме шанса, а онаа другата треба час поскоро да ја пратиме во историја.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin