ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: Да се намали финансискиот товар врз граѓаните

 ГРОМ - Да се намали финансискиот товар врз граѓаните Актуелната власт, наместо да го растовари стопанството од големите фискални давачки што ги имаат и компаниите, но и самите граѓани, таа антиципира нови, зголемени трошења во идната 2014 година.

Имено, во тек е расправата за буџетот на Република Македонија за 2014 година каде што се предвидени буџетски расходи од 176 милијарди денари или 2,87 милијарди евра. Ова го изјави на денешната конференција за печат, потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија, м-р Горан Анчески, кој истакна дека тоа е дополнително зголемување од 6,7% во однос на 2013 година. Со други зборови, тоа значи фискално оптоварување од околу 4.150 евра по вработен годишно, или околу 200 евра повеќе од 2013 година.

– ГРОМ смета дека толку големи буџетски расходи наметнуваат значаен фискален товар за македонските компании, истакна потпретседателот Анчески. Според анализите на ГРОМ, ваквите фискални оптоварувања на македонските граѓани и компании, во услови на вакво ниво на економска активност, би значело дополнителна фискална пресија врз граѓаните и компаниите, како и негативна рефлексија врз целокупната македонска економија.

Затоа ГРОМ предлага намалување на буџетските расходи, намалување на фискалните издатоци на работодавачите со цел да се подобри ликвидноста во стопанството, да останат повеќе средства за приватни инвестиции на компаниите  и за лична потрошувачка на граѓаните. Воедно, предлагаме да се искористи излегувањето од рецесија на ЕУ и двојно да се зголемат средствата во владините програми за мали и средни претпријатија, и тоа од двата извори на средства: од националниот буџет, и од програмите на ЕУ фондовите, сé со цел  да се влијае на надминување на структурните проблеми во индустриското производство на македонската економија.

Меѓутоа, Република Македонија има потреба од подобрување на националниот капацитет за повлекување на средства за малите и средни претпријатија од ЕУ фондовите.

Како резултат на овој предлог, ефективното реализирање на овие програми ќе овозможи зголемување на извозот, супституција на увозот на одредени готови производи, ќе се зголеми процентот на искористеност на домашните капацитети, а со тоа и конкурентната способност на македонските компании. На тој начин тие ќе бидат во можност дополнително да креираат нови работни места.

За ГРОМ, интернационализацијата на малите и средни претпријатија, нивното излегување на меѓународен пазар и супституцијата на увозот е клучен фактор за поголем раст со нови работни места, изјави на денешната конференција за печат, потпретседателот на ГРОМ м-р Горан Анчески.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin