Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Оливер Станоески – претседател на ГРОМ-Карпош

ГРОМ КарпошГРОМ БАРА ИЗБОРИ

Оливер Станоески, магистар по мир и развој е првиот претседател на најголемата општинска организација на Граѓанската опција за Македонија-Карпош. Него, со акламација го изгласаа  1612 членови на ГРОМ на вечерашното Основачко собрание  кое се одржа  во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Заблагодарувајќи се на честа и довербата да се биде прв човек на најбројната општинска организација на ГРОМ, новоизбраниот претседател Оливер Станоески рече дека токму во Карпош се случил зародишот на оваа партија и дека граѓаните на Карпош покажаа дека имаат сенс кога треба да се донесат клучни одлуки. Карпош беше епицентарот каде за локалните избори се случуваа најголемите политички потреси,  кога се одеше со слоганот „Храбро“. Врз  него исто така се темели и новиот политички субјект ГРОМ, кој го одбра најтешкиот пат, патот на центарот. Затоа, пак, рече Станоески, ние во Карпош и во ГРОМ го имаме најдобриот лидер Стевчо Јакимовски, кој е синоним на успех и победа. Тоа го покажа и последната анкета на која се мереа рејтинзите на политичките партии, на кои Стевчо Јакимовски и ГРОМ избија на третото место, само месец и пол по официјализирањето на партијата. Ова е потврда дека Карпош и ГРОМ покажаа дека ако се има здрава идеја, таа може да победи. ГРОМ во Карпош, рече Станоески уште долго ќе биде синоним и репер за успешност, слога и напредок. Толкувајќи ги симболите на Граѓанската опција на креативен начин, првиот претседател на ГРОМ-Карпош посака уште долго куќата да биде полна луѓе, а оџакот да чади.

Во име на младите на ГРОМ се обрати  дипломираниот актер  Бојан Велевски, кој рече дека имал петгодишно искуство со членување во голема политичка партија, но никогаш не добил шанса за себереализација, како што ја добил во ГРОМ.

– Големите политички партии не го користат младите, тие ги искористуваат. Им требаат една недела пред избори да лепат плакати и да заокружат одредено бројче, и толку, рече Велевски. Но, каде е идејата, каде е кративната енергија кои тие ја имаат и сакаат да ја понудат? Овде во ГРОМ се ќе биде поинаку, рече тој. Тука  велиме граѓанинот е во центарот, а јас тврдам дека младите ќе бидат во центарот, и нашите идеи ќе се артикулираат и реализираат.

Поздравувајќи ја својата основна организација, потпретседателката на ГРОМ Мавие Мехмети пред восхитените присутни одржа инспиративен говор:

-Јас исто како и вие, рече Мехмети, доаѓам од општина  Карпош, од една општина  во која секогаш доминираше слогата, успехот, соработката, мултикултурата. Таа позитивна енергија решивме да ја изнесеме и надвор од нашата општина кажувајќи им на луѓето како се живее во среќа, во слога, како да живееме едни со други, а не едни покрај други.

Јас никогаш досега не сум се занимавала со политика. Но, нешто во мене  ми рече: Време е! Ајде да кажеме нешто друго, што досега не е речено. Тоа што сум жена не ме спречува да бидам и политички активна. Да, точно не е баш лесно. Дури би рекла и потешко е. Знаете, јас во исто време сум и сопруга, и мајка и снаа. Згора сум професорка во средно училиште „Димитар Влахов“ и таму ме чека една „војска“ ученици. Сите очекуваат од мене навреме да си ги завршам обврските. Е тоа не е лесно. Но, ГРОМ е мојата радост. За ова имам целосна поддршка од сопругот, од семејството. Без тоа верувајте, не е можно да се успее, изјави Мехмети.

ГРОМ е мултиетничка партија и тоа се гледа уште од првите чекори на формирањето на партијата. ГРОМ ги цени, ги почитува сите идентитети и култури, етнички групи, нивните симболи, празници, традиции.          Се надевам дека ќе имаме успешна, плодна соработка и вие како членови на ГРОМ ќе работите во слога. Карпош заедно со Стевчо Јакимовски не знаат за пораз и сите заедно се подготвуваме за нова победа, изјави потпетседателката Мавие Мехмети.

Горан Анчески, вториот потпретседател на ГРОМ се задржа на основните начела на партијата, но посебна нагласка стави на економските  моменти и перспективи.

– ГРОМ, истакна Анчески, се залага за изградба на држава во која ќе има работа за сите работоспособни граѓани и држава која ќе биде економски просперитетна со повеќе пари кај граѓаните и претпријатијата. Приоритети на ГРОМ за развој на Македонија се, фукционално демократско општество, генерирање на економски раст со креирање на работни места, функционална пазарна економија, децентрализација, рамномерен регионален и рурален развој-дескопеизација, околина без криминал  за безбедни граѓани, интегрирање на Македонија во регионот, Европа и глобално.

Потпретседателот Анчески нагласи дека ГРОМ се залага за стабилна макроекономска политика, ниска стапка на инфлација и стабилен девизен курс. Оптимална монетарна политика во функција на кредитната политика, зголемување на јавниот долг само за економски оправдани јавни инвестиции, поволна правна и регулаторна рамка, фер конкуренција и економско-социјален дијалог. Еднаков третман за сите странски и домашни инвеститори е политика на ГРОМ за поттикнување на инвестициите и креирање на работни места. За ГРОМ приватниот сектор и приватните бизнисмени се партнери во реализацијата на економските политики.

Честитајќи и го новоизбраното раководство на ОО ГРОМ-Карпош тој рече дека неговата партија ќе понуди остварливи проекти кои соодветно ќе ги артикулираат потребите на граѓаните.

Речиси двеилјадите присутни во салата, членови, симпатизери и гости на ГРОМ со нетрпение го исчекуваа и со громогласен аплауз го поздравија настапот на првиот човек на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски.

-Вака изгледа партија која се подготвува за избори, со весели лица, храбри, насмеани, со верба во своето раководство, подготвени да сторат нешто за татковината. Така е, ГРОМ бара избори, беше дециден Јакимовски. СДСМ бега од избори, ние бараме избори. Не знам како мислат тие да дојдат на власт ако бегаат од избори? Избори треба да има веќе напролет, рече Јакимовски, ако и сакаме добро на државата. Во спротивно секоја година ќе ни се случуваат избори, локални, претседателски, па парламентарни, и секоја година по четири месеци ќе функционираме со техничка влада, во состојба кога е блокирана и централната и локалната власт, во која не се носат ниту закони, ниту клучни одлуки, а се носи само економска штета на земјата, нагласи лидерот на ГРОМ. Оттаму во март-април ни требаат или предвремени парламентарни избори, или да го менуваме законот, па претседателот да се бира во Собранието.

-Ние вечерва го наполнивме „Александар Палас“ но наскоро ќе бидат полни и Партизанска и Илинденска со членови и подржувачи на ГРОМ. Честопати ме прашуваат дали требаше да направам партија. Јас партија не правам за себе. Мене не ми треба функција, јас имам функција јас сум премиер на Карпош, изјави првиот човек на ГРОМ во своето обраќање до карпошани. Партијата ја направивме за граѓаните, за оние граѓани кои досега не им е дадено шанса да сторат нешто повеќе за државата, за оние кои иднината ја гледаат во Република Македонија, а не надвор од неа. ГРОМ ќе биде силна политичка партија од центарот. Мислам дека го погодивме времето. Граѓаните на Македонија нема веќе да гласаат или за ВМРО или за СДСМ туку ќе имаат трета опција –ГРОМ. ГРОМ ќе биде партијата која ќе ја држи стабилноста, балансот меѓу владејачката и опозициската партија. Само во Карпош досега ГРОМ брои 4.872 члена и тој број ќе прогресира. Карпош е водач и пример за цела Македонија. На иницијативата за формирање на ГРОМ на 28 мај, реков дека ќе бидеме пратеничка група, но ние ќе бидеме далеку повеќе од тоа. Ние ќе бидеме партија на граѓаните и сите нивни барања и потреби ќе ги преточиме во изборна програма.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin