Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

РАСКАТА ВО ТУЃИТЕ И ГРЕДАТА ВО СОПСТВЕНИТЕ ОЧИ

М-р Аце Миноски
Член на ГРОМ – Карпош

Почитувани читатели, причината за оваа моја ВЕБ колумна се последните актуелни настапи на советниците на опозицијата во Општина Карпош, и нивната верижна реакција.

Зошто? Затоа што се чини дека сакајќи да ја видат раската во туѓите очи, не ја гледаат гредата во сопствените.

Ако си го вратат часовникот на времето само една година наназад, ќе забележат колку се неиздржани и неаргументирани нивните реакции.

Како добар познавач на тогашните состојби, и како советник во Општина Карпош, одблиску можев да ги видам и да учествувам во случувањата од тоа блиско минато. Неможе а да не се запраша човек, што се случи за овој временски период, па така драстично сегашната, тогашната, а богами со начинот на работа и идната опозиција, да го смени ставот за 180 степени. Народски кажано дa ги пoсtави работите на глава.

Пред една година тогашниот и сегашниот Градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на сите звона беше најавен како сигурен кандидат за градоначалник, и како единствена сигурна добитна кандидатура за градоначалничко место во Македонија. Изборот не одеше „мазно“ бидејќи и тогаш се појавија луѓе со нереални амбиции кои сакаа на готово, што се вели на туѓа слава, да седнат во „удобната“ градоначалничка фотеља. Но, се чини дека во последен момент, во 5 до 12 некако претежна разумот и се предложи најдоброто решение.

Тогаш, уште повеќе тој се најде на критиките на позицијата, што е и нормално. Само ненормален беше речникот што се употребуваше, да се креира одредена слика за еден кандидат за градоначалник. Па следеа речиси секојдневни прес конференции, позицијата напаѓаше, опозицијата со сите средства го бранеше, преставувајќи ги безбројните проекти кои ги имаше реализирано за само еден мандат.

И како што го дал господ човеков, сериозно си пристапи кон работата, и почна да се подготвува за избори седум месеци порано, направи сериозни анализи, од нас кои бевме во тимот бараше да се направи сериозна анализа на тоа што е реализирано во текот на изминатите четири години од неговиот мандат, практично сите проекти кои беа завршени за тој временски период, во сите сфери.

Паралелно даваше поддршка на сите активности на партијата и секогаш беше во првите редови.

Но, сето тоа се смени кога се одважи ХРАБРО да се  спротистави на концептот за бојкот на локалните избори, и одби да се предаде без борба, и да ја предаде општината, скоцкана, дотерана, што се вели тип-топ.

Како вечен фајтер се реши својот рејтинг да го стави на проценка на јавноста, односно електоратот, кој што е во право и кога греши, нели?

И види чудо, граѓаните на Карпош „се излажаа“ и во огромен број му ја дадоа поддршката. Повеќе, отколку што заедно, освоија двете водечки партии на политичката сцена во тој момент

Затоа што неговиот труд и трудот на Советот, тежеше повеќе од 200 страници реализирани проекти и активности, точно и прецизно нотирани по области. И тоа за само четири години. Нешто што ги изненади и самите негови довчерашни поддржувачи, а сега најголеми критичари.

Па што се смени  тогаш во перцепцијата?

Едноставно сé се смени откако Стевче и неговите поддржувачи се обидоа успешната приказна да ја „продадат“, односно промовираат и во Македонија.

Очигледно, неподготвени да ја прифатат реалноста дека на политичката сцена може да има и друга понова, поинаква, од црно-белата слика, што ни се продаваше сиве овие години, како да предизвика нервоза.

Елитата на опозицијата ненаучена на конкуренција се најде загрозена, сметајќи дека е потребно само да се појавува на прес конференции, да негира се што е сработено, и со тоа ќе успее да се наметне кај граѓаните и ќе го придобие електоратот. И сега почнаа со прес конференции, ама со друга содржина, да креираат поинаква слика, сметајќи дека на тој начин ќе го намалат рејтингот на лидерот на новата опција, која нели влезе во нивниот, и не само во нивниот, „заштитен и сигурен простор“.

Но, народот, можеш еднаш, можеш двапати, ама неможеш стално да го третираш како недоветен.

Па така и ова се ми наликува на минатогодишната состојба, па наместо да се бават самите со себе, а тоа им е, и тоа како неопходно, тие се занимаваат со сите, само не со себе. За жал мислам дека ова, како и минатата година, ќе им се удри уште пожестоко од глава, бидејќи пак ќе бидат неспремни за се поизвесните претседателски и парламентарни избори догодина, и пак ќе бараат насекаде алиби за нивниот пораз, само не кај себе.

А ГРОМ, полека ама сигурно си го трасира својот автентичен пат, пат на центарот, нуди своја програма со конкретни цели и визии за подобрување на животот на граѓаните во Македонија. Нуди проекции за подобрување на економската, социјалната, образовната и другите сфери на човековото битисување. Неминовно е дека, не е се лошо што досега е направено во Македонија, но целта треба да биде да се критикуваат неиздржаните проекти, но истовремено и да се понудат поинакви и подобри решенија за нивната реализација, а не се да се сведува само на гола критика, без да се понудат решенија.

И она што е најважно, нуди концепт, дека соживотот во Македонија е можен, дека е можно во една партија да се обединат луѓе со различна верска и национална определба, бидејќи тука сите се третирани подеднакво. Сите имаат шанса да се докажуваат според своите квалитети и можности. Сите се еднакви.

И затоа граѓаните го препознаваат тој концепт и му даваат поддршка. Бидејќи знаат дека на Македонија и е потребно нешто ново, нешто поинакво, нешто поколоритно. И затоа, кон оваа опција, се приклучуваат луѓе од сите политички партии, и луѓе кои досега не биле во ниедна партија, кои за прв пат се промовираат на политичката сцена. И што е исто така охрабрувачки, тоа се млади луѓе, кои шансата за своја промоција и за промоцијата на своите идеи ја гледаат во ГРОМ.

Секако дека прв и најважен тест ќе бидат престојните парламентарни и претседателски избори.

Затоа што со кукање и плачење по конференции  за печат не се добиваат гласови, туку само со работа и нудење на нови идеи, нови концепти.

На крајот на краиштата, народот не го интересира колку некој ќе пророни солзи за да му докаже колку му е тешко, туку го интересира кој колку ќе се испоти и ќе направи за неговата подобра живеачка.

А народот наградува, а богами и жестоко казнува на избори.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin