Првиот претседател на ГРОМ – Струмица, избран со акламација

Првиот претседател на ГРОМ – Струмица, избран со акламацијаГРОМОВСКИ ОГНОМЕТ ЈА ОСВЕТЛИ СТРУМИЦА

Со величествен огномет вечерва беше прославено основањето на Општинската организација на ГРОМ – Струмица. На вечерашното Основачко собрание во Домот на културата, во центарот на градот, беа избрани раководните тела на оваа општинска организација на Граѓанската опција за Македонија, како и претседателот на истата, функција што со акламација му беше доделена на Сашко Милковски.

На свечениот чин, на кој присуствуваа видни членови на Централниот и на Извршниот одбор на партијата, меѓу кои Чедомир Саздовски, Панчо Минов, Оливер Ромевски и генералниот секретар на ГРОМ, Виктор Цветковски, до присутните членови на струмичкиот разгранок на Граѓанската опција за Македонија се обратија и членот на Извршниот одбор од овој град, Никола Ѓорѓиевски, и членот на Централниот одбор, Никола Дончев.

–           Патот од 1.000 милји почнува со првиот чекор, а вечерва го направивме првиот чекор на Општинската организација на ГРОМ – Струмица, кој со сигурност води до победа – подвлече Дончев во својата честитка упатена до избраното раководство.

Ветувајќи дека нема да ја изневери довербата што струмичани му ја доделија кога го избраа за свој претседател, Сашко Милковски се задржа на клучните цели што Општинската организација на ГРОМ од неговиот град планира да ги реализира во наредниот предизборен период.

–          Затоа што за ГРОМ, центарот е граѓанинот, ќе се залагаме за приближување на програмата до секој поединец, без оглед на културната, етничката или верската обоеност. Ќе се залагаме за политичко дејствување што ќе ја врати довербата на граѓаните во политичарите – истакна Милковски.

Честитка за новоизбраниот Општински и Надзорен одбор, како и за претседателот на Општинската организација, единаесетта по ред, упати и претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Тој направи споредба меѓу оваа општинска организација и таа од Куманово, со оглед на тоа дека и во овој град локалната власт ја има СДСМ, а централната –  ВМРО-ДПМНЕ, што ги прави особено тешки условите за дејствување на политички план.

–          Вашата многубројност, сепак, докажува дека колку е поголем предизвикот, толку се подобри резултатите – истакна лидерот на ГРОМ.

Во своето обраќање до струмичките членови, тој се задржа на карактеристичните сегменти од програмата на Граѓанска опција за Македонија, како спортот, културата, регионалниот развој, тенденцијата за намалување на нестопансkите инвестиции…

–          Само од нас ќе зависи дали ќе успееме да им ја приближиме на граѓаните програмата, а јас ви тврдам дека тоа што ГРОМ ќе го вети во предизборната програма, ќе биде исполнето – децидно потенцира Јакимовски.

Посакувајќи им успешна работа, во финалето на своето обраќање, претседателот на ГРОМ истакна и дека очекува наскоро да заврши и формирањето на телата на општинските организации кои ќе ја организираат работата на младите и на жените.

–          Месните одбори се најважниот сегмент од организациската структура на партијата. Како капиларите во човечкото тело, ако тие функционираат добро, целата мрежа ќе биде поуспешна и ќе работи во склад со тоа – заврши Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin