Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: Грција ја загрозува безбедноста во Македонија и регионот

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: Грција  ја загрозува безбедноста во Македонија и регионот„Неодамнешната информација дека Атина го спомнува името Славјанско – албанска Македонија и потврдата со изјавата на претседателот Папуљас при посетата на Тирана,  покажува дека Грција зазема крајно непријателска позиција кон Македонија. Ова го изјави на денешната конференција за печат Претседателот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, по повод последните провокации  за името од страна на Грција.

„Ова е преседан во меѓународната политика. Наместо меѓусебно почитување во духот на добрососедството и во рамките на Времената спогодба, нашиот сосед Грција, по пат на уцена, станува наш нов кум, овој пат радикално  менувајќи го својот став: наместо сложено име со географска одредница, овој пат ни нуди сложено име без географска одредница.

По нивната логика, веројатно треба да очекуваме  следниот нов предлог  да биде Славјано-албанско-турска-влашка-ромска држава.

Предлогот што го дава Атина, Славјано – албанска Македонија има два крупни проблеми: Првиот- го негира националниот идентитет и вториот, атакува на уставниот поредок и унитарниот карактер на Македонија. Дали со овој предлог сака да покаже дека оваа држава нема ништо ниту од идентитет, ниту јазик, ниту македонска култура?

Дефинитивно, Грција ја симна својата маска од наводните 20-годишни преговори за името и ја откри својата крајна цел: промена на националниот идентитет на Македонците во Славо Македонци и на јазикот во славомакедонски.

Ова не е ништо друго, туку дрско мешање во внатрешните работи на Македонија. Со ова Грција покажува дека е подготвена да ја загрози стабилноста и безбедноста  не само на Македонија, туку и на целиот регион.

Дали со ова се реализираат зборовите на Андонис Самарас: Македонија да се распадне со што, нормално, според него, проблемот  би се решил. Зачудени сме од ваквите предлози на соседна Грција, но уште позачудени сме од молчењето на Европската унија и САД. Значи ли дека зад овој пробен балон стојат и тие?

Очекуваме  ЕУ и САД да го осудат овој предлог и ваквото грубо мешање на Грција во внатрешните работи на Македонија, и конечно да лоцираат дали добрососедство какво што промовира Грција значи да го блокираш својот сосед во неговиот напредок и да го доведеш да се распадне?“ изјави претседателот Јакимовски, во името на ГРОМ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали станува збор само за добро изработен спин, Јакимовски одговори дека во ГРОМ би биле пресреќни доколку станува збор за обичен спин. Но, следејќи ја познатата изрека „молчењето е одобрување“ и фактот што немаме оградување од страна на официјалните лица од Атина или од друг авторитет, отворено ги поставуваме сите дилеми и го искажуваме нашиот дециден став, изјави првиот човек на ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin