ГРОМ – Делчево зачекори на патот на успехот

ГРОМ – Делчево зачекори на патот на успехот-Ние од ГРОМ мора да успееме! Тука нема дилеми! Тоа мора да го направиме за нашите семејства, за нашите сограѓани, за да го обоиме овој црно-бел свет со боите на животот и на правдата – изјави вечерва (2 ноември)Виктор Богдановски новоизбраниот претседател на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија – Делчево кој што едногласно беше избран за нејзин прв човек. Вака одлучија стоте присутни членови на Иницијативниот одбор на партијата од овој град, кои безрезервно му ја дадоа својата поддршка.Овој угледен граѓанин, агроном, говорејќи од свое име и од името на членовите на ГРОМ од овој град, изјави дека нивна цел ќе биде да не ги разединуваат, туку да ги обединат граѓаните, како и да се врати достоинството на луѓето.

Во својот поздравен говор, покрај што се заблагодари за укажаната доверба, Богдановски истакна дека ќе има особено одговорна задача, заедно со нив, да обезбеди висока позиција на новиот политички фактор на општествената сцена во нивниот град.

– Сигурен сум дека со ваша поддршка и со мое несебично залагање, ќе успееме да стигнеме до целта.

Заблагодарувајќи се на присутните и честитајќи им за новоизбраното претседателство, лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, изрази задоволство од тоа што членовите на ГРОМ во овој град се многубројни, но и од тоа што во деветтата по ред општинска организација, голем дел од членството се млади, високообразовани луѓе. Имајќи ги на ум нивните перспективи, Јакимовски подвлече дека токму една од целите на ГРОМ е во Македонија да се постигне рамномерен економски развој, за и младите од помалите градови да можат да се вработат во своето родно место.

Зборувајќи за дистинкциите во програмата на новиот политички субјект во однос на другите доминантни политички партии и за целите што ГРОМ ја прават поинаква од сета актуелна понуда на политичката сцена во земјава, Јакимовски ги истакна заложбите на Граѓанска опција за Македонија за намалување на централниот буџет, помагање на малото и средното стопанство, засилување на локалната власт преку зголемување на нејзините ингеренции и домени на влијание.

Тој се задржа и на актуелните политички случувања и истакна дека секојдневните конфронтации меѓу власта и опозицијата не се ништо друго туку одвлекување на вниманието на јавноста од реалните проблеми што го притискаат македонското општество.

– Дали власта краде или не, луѓето сами препознаваат, не сме им ние потребни да им го кажеме тоа! Ние, како политички субјекти, должни сме да им понудиме решенија за проблемите, да им понудиме визии, да обезбедиме перспективи за нив, за нивните семејства, особено за младите. Не е важно колку млади луѓе завршиле високо образование на факултетите што оваа власт ги отвори во сите градови во земјава, важен е квалитетот на образованието што тие го добиваат – рече претседателот на ГРОМ, алудирајќи на неадекватноста на високото и средното образование на барањата на пазарот на трудот и на потребите на стопанството.

Јакимовски се задржа и на потребата од инвестиции во енергетскиот сектор на сметка на намалувањето на нестопанските инвестиции.

– Како ние планираме да одиме напред и да се развиваме како држава ако сме енергетски зависни? Со оглед на тоа што увезуваме нафта, гас, а последниве години и електрична енергија, нашето стопанство веќе ги чувствува последиците, пред сè, така што со секое поскапување на енергенсите станува сè понеконкурентно на отворените пазари. Според зборовите на Јакимовски, ГРОМ има намера да ја вклучи Македонија во светскиот тренд на соочување со климатските промени.

Меѓу останатите разлики на ГРОМ наспроти другите партии од Македонија, лидерот ја посочи и намерата македонската јавност секогаш да биде запознаена со ставовите на Граѓанската опција за Македонија во однос на кое било прашање што е од интерес на граѓаните.

– Додека опозицијата тврди дека својот став за името ќе го соопшти кога ќе дојде на власт, а власта се крие зад референдумот, ние сметаме дека во овој поглед Македонија нема потреба да размислува за промена на името. Веќе137 земји од светот, вклучувајќи ги и двете најголеми светски сили, САД и Русија, нè признаа под уставното име. Немаме зошто да го менуваме името! Единствено можеме со Грција да договориме начин за билатерална комуникација и тоа е сè – дециден е Јакимовски.

Привршувајќи го својот говор, лидерот се задржа и на тенденциите на ГРОМ за унапредување на спортот преку инвестирање во спортистите и подобрување на јавното здравство преку вложување во кадарот.

На крајот, тој уште еднаш им честита на делчевци на избраното раководство и им посака многу успеси, особено на следните избори напролет, за кои подвлече дека ставот на ГРОМ е да бидат и претседателски, но и предвремени парламентарни одеднаш.

По завршувањето на Основачкото собрание на Општинската организација на ГРОМ – Делчево, со пригодна свеченост беше отворена и канцеларија на ГРОМ во овој град.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin