ГРОМ – Визијата за просперитетна Македонија

ГРОМ - Визијата за просперитетна Македонија Влатко Костов е првиот претседател на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија од Гостивар. Него, вечерва, (22 октомври 2013 година), во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, едногласно го избраа 160 делегати, членови на новиот политички субјект во Македонија.

Изразувајќи благодарност за поддршката, првиот претседател на Општинската организација на ГРОМ во Гостивар, посочи дека освен честа со функцијaта, му е доделена и голема одговорност и предизвик, зашто да се биде дел од ГРОМ значи да се биде дел од визијата за просперитетна Македонија.

– Пред нас е предизвик кој ќе нè води кон создавање на пример за една мултиетничка општина, во која секој граѓанин ќе има  шанса да го вложи севкупниот свој потенцијал, ќе го даде максимумот од своите можности за создавање услови за подобар и поквалитетен живот, соживот, просперитет и благосостојба. Потпирајќи се на потенцијалот на нашите граѓани, ние мора да бидеме чекор понапред од она што сме сега и преку создавање реални можности и проекти  да дадеме придонес во регионалниот развој на општина Гостивар – рече Костов.Тој вети дека ГРОМ – Гостивар без запирање ќе работи на имплементација на програмата и предвидените проекти и дека од личниот ангажман на секој член ќе зависи етаблирањето на партијата како значаен фактор во македонското општество.

На членовите и симпатизерите на ГРОМ од Гостивар, како и на гостите, членови на Централниот и Извршниот одбор на партијата, меѓу кои беше и  потпретседателката Мавие Мехмети, додека на турски и на македонски им се обрати и Шебаљ Прешова, член на Извршниот одбор на партијата. Прешова порача дека Граѓанската опција за Македонија претставува обединување на сите, зашто „сите сме едно, сите сме исти“ и заедно треба да работиме за да си обезбедиме подобра иднина.

Гостиварци со  возбуда го дочекаа обраќањето на претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, и со громогласен аплауз ја поздравија неговата честитка за тукушто избраното раководство на нивната општинска организација. Тој изрази задоволство од ентузијазмот на членовите на партијата од Гостивар и им посака во слога и со меѓусебна почит да работат и да напредуваат кон идни успеси.

Во својот говор, Јакимовски на гостиварци детално им ги објасни заложбите на партијата кои се имплементирани во нејзината програма.

– Ние сакаме вредностите од Карпош да ги пренесеме во другите делови на Македонија. Сакаме позитивната енергија на граѓаните да ја сплотиме во ГРОМ, во една кохерентна политичка партија која ќе биде забележлив дел од политичката сцена – рече Јакимовски, додавајќи дека целта на ГРОМ е да понуди уште една можност за избор на македонското граѓанство зашто изборот не смее да се сведе на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Коментирајќи ја актуелната состојба во Македонија, Јакимовски подвлече дека во земјава е забележлив застој во евроатлантските интеграции од 2006 година, дека граѓаните не го добиле ветениот стандард и можностите за вработување, но и дека последните години не постои политички дијалог.

Зборувајќи за ставовите на партијата, кои се дистинктивни за ГРОМ во споредба со останатата политичка понуда, Јакимовски истакна дека Граѓанската опција за Македонија ќе се залага за намалување на буџетот и нестопанските инвестиции, за целосна децентрализација, особено во поглед на јавниот ред и мир и имотно-правната регулатива, како и во поглед на социјалната заштита.

– Локалната власт е таа што најдобро знае на кои граѓани им е потребна помош зашто таа е најблиску до граѓаните, таа е прв нивни сервис и е директно запознаена со сите нивни проблеми – рече лидерот на ГРОМ.

Јакимовски зборуваше и за нужноста од инвестициите во енергетскиот сектор, за одговорноста на политичките субјекти, а со тоа и на ГРОМ, во поглед на глобалното затоплување и загадување, за намерата на партијата да ги поддржи малите и средните претпријатија, кои во македонската економија апсорбираат голем дел од вработувањата, како и за спортот, културата и за образованието.

– Каде е државата во поглед на поддршката на спортот? Нејзината поддршка се сведува на тоа да испрати кабриолет-автобус да ги пречека спортистите на аеродром и да ги провози под Триумфалната капија? За спортот не е важно колку панделки сте пресекле, колку спортски објекти сте изградиле, важно е колку квалитетни спортисти сте создале – порача Јакимовски и предочи дека токму тоа е разликата меѓу ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ, зашто ГРОМ се грижи за спортистите, а не за спортските објекти.

Привршувајќи го своето обраќање кон гостиварци, лидерот на Граѓанската опција за Македонија уште еднаш подвлече дека оваа политичка партија нема да ја поддржува ниту власта ниту опозицијата, туку дека најважно од сè ќе биде да воспостави блискост со граѓаните, зашто само таквиот пристап ќе обезбеди успех.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin