Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Горан Ефремов – претседател на Општинската организација на ГРОМ во Пробиштип

Горан Ефремов - претседател на Општинската организација на ГРОМЕдногласно, со громогласен аплауз, Горан Ефремов, актуелен советник во Советот на Општина Пробиштип, вечерва, (14 октомври 2013 година), беше избран за претседател на Општинската организација на Граѓанската опција за Македонија во Пробиштип.

Во преполната сала во хотелот „Црешево топче“, се одржа Основачкото собрание на ОО – ГРОМ од Пробиштип. На него беа утврдени составите на работните тела на Собранието, и тоа работното претседателство во состав: Дијана Петковска-Иванова, Јулија Павлова, Стојмир Саздовски, Киро Тодосов и Славе Димовски. На Основачкото собрание беа изгласани и составите на органите на Општинската организација. За членови на Надзорниот одбор беа избрани Маја Соколовска, Анџелика Ампова, Ивана Ѓорѓиева и Марија Ефремова.

Во своето обраќање до присутните членови и симпатизери, новоизбраниот претседател на Општинската организација на ГРОМ – Пробиштип, Горан Ефремов, вети дека својата работа ќе ја насочи кон реализација на целите зацртани во партиската програма и кон враќање на просперитетот на граѓаните на овој град.

Со петминутен аплауз кон крајот на Основачкото собрание беше поздравен лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој во својот свечен говор на пробиштипските членови на Граѓанската опција за Македонија им ги образложи целите на партијата, но и ставовите што ја прават ГРОМ поинаква од биполарната политичка сцена во Македонија, од која ГРОМ отскокнува уште од самото формирање.

Јакимовски стави посебен акцент на тенденцијата на ГРОМ да спроведе поизразена децентрализација која на локалната власт ќе и даде повеќе ингеренции во имотно-правните односи, во раководењето со јавниот ред и мир, во образовнието и во здравствената заштита. Лидерот на ГРОМ се осврна и на спортот, како еден од најдобрите меѓународни репрезенти на Македонија, при што го презентираше ставот на Граѓанската опција за Македонија, дека за неа, во фокусот се самите спортисти и дека стратегијата на државата во поглед на овој сегмент од општествениот живот не смее да се сведе на градење спортски објекти. Во својата пригодна реч, претседателот на ГРОМ особено се задржа на тоа што тој го нарекува „дескопјанизација“, односно на рамномерниот развој на сите региони во Републиката.

-Ако е за аир, доста беа споменици! На народот му требаат други нешта! На народот му треба инфраструктура, мелиоративни системи, пласман на земјоделските производи на меѓународни пазари, подобро здравство, образование кое кореспондира со побарувачката на стопанството – истакна Јакимовски. Буџетот не смее да се проектира во толкав обем, за од него да се финансираат нестопански инвестиции, а недостигот на средства  за поддршка на малите и средни бизниси да се надоместува со драконски казни кои му прават непоправлива штета на стопанството.

Јакимовски  се задржа и на нужноста од инвестирање во енергетски капацитети кои ќе ја намалат зависноста на земјава од увоз на енергија. Во амбициозната „агенда“ на ГРОМ е и екологијата како тема што го окупира вниманието на светската јавност, а која мора да се имплементира и во македонскиот општествен тек. Тој зборуваше и за мултиетничкиот и мултиконфесионалниот предзнак на партијата кој го отсликува македонското општество во неговиот вистински спектар. Првиот човек на ГРОМ посебно внимание му посвети и на партискиот став за името на државата, како најгорливо прашање за државата, при што уште еднаш подвлече дека името Македонија исконски ни припаѓа и според тоа за ова прашање не треба да се расправа, ниту да се распишува референдум, а уште помалку ставот во тој поглед да се соопшти кога „ќе дојдеме на власт“.

На крајот од своето обраќање, Јакимовски им честита на пробиштипјани за изборот на раководството и им порача понатаму да работат  со заеднички сили зашто токму таквиот однос кон партиските цели и кон работата ќе донесе резултати и ќе ја направи ГРОМ парламентарна партија и учесник во власта.

По завршувањето на Основачкото собрание на Општинската организација на Граѓанската опција за Македонија – Пробиштип, членовите и симпатизерите на партијата, заедно со партискиот врв, беа дел од уште еден свечен чин, отворањето на канцеларијата на ГРОМ – Пробиштип. По тој свечен повод, во изјавата за локалните медиуми лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, истакна дека досега се избрани четири општински раководства, а отворени се 15 канцеларии на ГРОМ во повеќе градови низ Македонија. Тој подвлече и дека засега ГРОМ брои 13.500 членови, но и дека очекува овој број значително да порасне со воспоставувањето на организациската структура на партијата. Според неговите зборови, ОО на ГРОМ – Пробиштип се очекува да биде една од најуспешните општински организации во третата изборна единица. Јакимовски, покрај тоа, најави и дека в недела, 20 октомври 2013 година, ќе биде формиран и Извршниот одбор на Граѓанската опција за Македонија, со што партијата ќе биде уште еден чекор поблиску до комплетна организациска функционалност што ќе и овозможи активно да партиципира на македонската политичка сцена.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin