Божанка Минова- прва жена претседател на Општинска организација на ГРОМ

Божанка Минова- прва жена претседател на Општинска организација на ГРОМВечерва, 13 октомври 2013 година, во Домот на културата во Кавадарци, околу 500 членови на Граѓанската опција на Македонија – ГРОМ присуствуваа на свечениот чин,  одржување на Основачко собрание на Општинската организација на ГРОМ – Кавадарци.

Со овој чин, на кој Општинската организација на ГРОМ – Кавадарци, која се профилира како релевантен фактор на политичката сцена во општината, раководеше работното претседателство меѓу кои беа Верица Јошева, Златко Јованов и Димитар Зарков.

Откако беше усвоен дневниот ред и едногласно беа изгласани составите на Верификационата и Кандидационата комисија, беше избрана Божанка Минова за претседател на Општинската организација на ГРОМ – Кавадарци.Инаку, оваа општинска организација на Граѓанската опција за Македонија, после Карпош, има најголом број членови во државата-1.400.

За членови на Надзорниот орган на ОО на ГРОМ – Кавадарци, кои исто така беа едногласно изгласани на предлог на Кандидационата комисија, беа избрани Тимчо Чејков, за претседател додека Марјан Стојков, Ангел Ралев, Васка Зафирова и Александар Атанасов – за членови на Надзорниот орган на ОО на ГРОМ – Кавадарци. Покрај тоа, едногласно беше усвоен и составот на Општинскиот одбор на Граѓанската опција за Македонија – Кавадарци, од кој дел се и двајца актуелни советници во Советот на Општина Кавадарци, Димитар Зарков и Златко Јованов.

Во своето обраќање до присутните членови и симпатизери, новоизбраната претседателка на Општинската организација, Божанка Минова, изрази благодарност за поддршката, но исто така, истакна дека ова големо признание го сфаќа и како голема одговорност, зашто ГРОМ – Кавадарци заедно со своето бројно членство треба максимално да ја афирмира политичката платформа на новоформираната Граѓанска опција за Македонија.

-Нашата цел е програмата на Граѓанската опција за Македонија да им ја приближиме на нашите сограѓани, да обезбедиме присуство на ГРОМ во сите сегменти на општествениот живот во Кавадарци, со што ќе овозможиме враќање на сјајот на нашиот град – рече Минова во своето обраќање до присутните, подвлекувајќи дека со ГРОМ, предводена од претседателот Стевчо Јакимовски, тоа е изводливо во многу блиска иднина. Таа додаде и дека вечерашното Основачко собрание, кое според нејзините зборови, беше спој на мудроста на возрасните и на енергичноста на младите, е показател за успехот кон кој ита ГРОМ – Кавадарци.

Во финалето на Основачкото собрание, со громогласен петминутен аплауз и со овации, беше поздравен говорот на претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој на членовите на ГРОМ од Кавадарци им порача да ја продолжат својата успешна работа зашто досега, по бројност се втора најбројна општинска организација на ГРОМ. Тој, исто така, им честита на кавадарчани за добриот избор на раководството и истакна дека сè повеќе граѓани ѝ пристапуваат на ГРОМ, но и дека партијата се засилува благодарение на приклучувањето на личности кои се релевантни субјекти во политичкиот живот во Македонија.

Денеска ги објавивме имињата на 14 членови на локални самоуправи кои ѝ пристапија на ГРОМ – подвлече Јакимовски, меѓу кои и двајца актуелни членови на општинскиот совет на Кавадарци стануваат дел од ГРОМ.

Во понатамошното свое излагање, Јакимовски се задржа на клучните моменти што Граѓанската опција за Македонија ја прават поинаква од другите политички партии во Македонија, истакнувајќи дека ГРОМ ќе се залага за силна децентрализација, со која дел од ингеренциите на централната власт ќе преминат во рацете на локалните власти, кои се поблиски до граѓаните, како и дека тенденција на ГРОМ е да се намалат нестопанските инвестиции.

–         ГРОМ ќе се бори за рамномерен развој на државата, за „дескопјанизација“, зашто сите граѓани на Македонија заслужуваат еднакви услови за живот, за вработување, за спорт, за проспритет – подвлече Јакимовски, што беше одобрено од присутните со громогласен аплауз.

Тој прецизира и дека Граѓанската опција за Македонија ќе се залага за намалување на казните кои негативно влијаат на малото и средното стопанство и на неговата одржливост и ликвидност, како и за продолжување и зголемување на субвенциите во земјоделството, но паралелно со инвестиции во инфраструктурата, во мелиоративните системи и во обезбедување пазари за пласман на земјоделското производство.

Претседателот на ГРОМ истакна и дека партијата во својата програма предвидува мерки за обезбедување на пониска увозна зависност на Македонија во поглед на енергијата, како и подобрување на образовниот систем соодветно на побарувачката на стопанството. Во поглед на спортот, Јакимовски потенцира дека за ГРОМ се важни спортистите, а не спортските објекти, па затоа многу спортисти токму во оваа партија ја гледаат иднината на спортот во Македонија.

–         Сакам да истакнам дека ГРОМ не е со никого, туку чекори по свој, автентичен пат, со што покажувадека не се сложува со црно-белата реалност во Македонија – подвлече лидерот на ГРОМ, осврнувајќи се на актуелната состојба во политиката и на некои предлози за враќање на „просечниот граѓанин“, кои пак, Јакимовски ги окарактеризира како „потпросечни“ со оглед на променетите стандарди на живеењето.

Во финалето на своето обраќање, Јакимовски му порача на новоизбраното раководство да работи во слога и во правец на  приоритетите на партијата, но без тенденција за политички атак врз конкуренцијата доколку за тоа не постојат квалитетни аргументи.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin