Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска опција за Македонија ја обои црно-белата политичка сцена

ГРОМ – НОВАТА ВИЗИЈА ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА МАКЕДОНИЈА

Граѓанска опција за Македонија ја обои црно-белата политичка сцена„Ниту на референдум сме го добиле името, ниту на референдум ќе го потврдуваме, ниту на референдум ќе го даваме. Тоа исконски ни припаѓа“,беше децидниот став на Стевчо Јакимовски, кој го истакна во својата свечена реч по повод формирањето на новиот политички субјект на македонската политичка сцена, Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, вечерва во „Универзална сала“ во Скопје.

Громогласни аплаузи, овации и видливо задоволство меѓу присутните го одбележаа вечерашното Основачко собрание на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, на кое присуствуваа над илјада и петстотини членови на Иницијативниот одбор и делегати на Конгресот, и уште толку и повеќе членови на новоформираната партија за кои „Универзална сала“ беше претесна да ги збере.

Основачкото собрание на партијата го водеше Владо Поповски, претставник на Иницијативниот одбор за формирање на Граѓанската опција за Македонија.  По едногласното усвојување на Деловникот и на работните тела на Основачкото собрание, со акламација и громогласен аплауз наместо гласање, беше усвоена и Предлог-одлуката за основање на политичката партија Граѓанска опција за Македонија. Со уште посилен, долготраен аплауз беше усвоена и Предлог-одлуката за избор на Претседател на ГРОМ, позиција за која претходно избраната Кандидациона комисија, како единствен кандидат го предложи  Стевчо Јакимовски.

Во текот на Основачкото собрание, исто така, едногласно беа усвоени и Статутот и Програмата на партијата, како и составите на Централниот и Надзорниот одбор на Граѓанска опција за Македонија, а покрај тоа беше претставена и химната на ГРОМ.

Во свеченото обраќање на тукушто избраниот претседател на партијата, Јакимовски на присутните и на македонската јавност прецизно им предочи дека ветеното на 29 мај, формирање нов политички субјект, вечерва, четири месеци подоцна, се остварува.

– Ние сакаме држава во која ќе има среќни и хумани луѓе, исполнети и реализирани граѓани, луѓе кои ќе си помагаат едни на други, кои ќе ги делат животните радости и таги, без делби и меѓусебна омраза. Затоа, во име на демократијата, да ја искористиме силата на ГРОМ за создавање на едно просперитетно општество, општество на сите граѓани на Македонија, без оглед на нација, вера, полова или каква било друга определба – порача Јакимовски во своето обраќање до присутните.

Тој истакна дека иако Македонија е мала земја, доволно е голема за сите кои сакаат да дадат свој личен белег во креирање на една среќна, толерантна, мирољубива и, пред сė, просперитетна држава. Обраќајќи им се на Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите, Словенците и на Црногорците кои живеат во Македонија на нивниот мајчин јазик, лидерот на ГРОМ јасно ја истакна тенденцијата на новиот политички субјект да гради мултиетничка партија која ќе го отсликува македонското општество во неговиот полн етнички, верски и културолошки колорит.

– Граѓанската опција за Македонија е тука за  да изгради достоинствен свет кој на луѓето ќе им даде шанса за работа, за најмалите – безгрижно детство, за младите – иднина, за возрасните – сигурност. ГРОМ смета дека приоритет над сите приоритети е функционирањето на силна правна држава. Впрочем, затоа и постои државата: да ги запре насилниците, да ги оневозможи ајдуците, да ги казни криминалците и да ги заштити чесните и лојални граѓани, да ја врати вербата во правниот систем и да создаде доверба во државата – истакна Јакимовски, образложувајќи ги и другите приоритети на новоформираната партија, односно слободата на граѓаните и нивниот стандард. Според неговите зборови, меѓу приоритетите на ГРОМ е и намалувањето на буџетските расходи, намалувањето на оптоварувањето на стопанството и поддршката за зголемување на нивната профитабилност.

– Ако има профит, ќе се обезбеди и проста, а ќе има и проширена репродукција, ќе има и нови работни места – образложи Јакимовски, подвлекувајќи дека од „болва лој не се вади“, па тенденција на ГРОМ е да се релаксира од даночни оптоварувања малото стопанство, да се поттикнуваат средните претпријатија за тие заедно да апсорбираат голем дел од невработената работна сила и да овозможат почетни бизнис-резултати. Покрај тоа, ГРОМ, според зборовите на претседателот, планира силна поддршка и за главните упоришта на економијата, односно големите претпријатија, и учеството на земјоделството и на сточарството во создавањето на домашниот бруто-производ.

– Стимулации и субвенции – ќе има! И тоа уште повеќе. Но, само за вистинските земјоделци. На земјоделството, сепак, не му се потребни само субвенции и стимулации. Потребна му е и соодветна инфраструктура: брани, мелиоративни системи, отворање на странските пазари и натамошна едукација на нашите земјоделци. Ќе даваме поддршка на истражувачки и развојни центри со учество во освојувањето на надворешните пазари. Македонија мора да има свој дел и учество во светската глобализација – подвлече Јакимовски, според кој приоритет на ГРОМ ќе биде и здравството и подигнувањето на здравствената култура, но и унапредувањето на образовниот систем и тоа според потребите на стопанството и општеството, во чекор со светските трендови.

– Спроведувањето на европските директиви не ни е потребно за да го фасцинираме Брисел, туку за нас самите. Нам ни е битно дали ќе бидеме безбедни, ќе бидеме ли еднакви пред законот, ќе се бориме ли успешно против криминалот и корупцијата, ќе обезбедиме ли транспарентно трошење на народните пари, ќе јадеме ли безбедна храна, ќе ја штитиме ли човековата околина, ќе ги уживаме ли граѓанските права и слободи и ќе имаме ли конкурентно стопанство кое успешно ќе се вклучи на европскиот и глобалниот пазар – порача Јакимовски, истакнувајќи дека ГРОМ ќе се разликува од другите политички субјекти по тоа што ќе бара проширување на децентрализацијата со воведување ингеренции на локалната власт во поглед на јавниот ред и мир, со залагање за рамномерен економски развој, како што тој го нарече „дескопјанизација“, за мултиетничност и мултикултурност на државата, за унапредување на спортот преку ставање акцент на луѓето инволвирани во него наместо на објектите за спорт и рекреација.

– Честопати нè прашуваат за нашиот став за спорот за името. И тука се разликуваме и од власта и од опозицијата. Ние нема да велиме дека ставот ќе го кажеме кога ќе дојдеме на власт, ниту се обидуваме да се криеме зад референдум. Народот ни дал мандат и нè плаќа за да го знае нашето мислење и на тоа има право. За тоа и ни ја дава довербата. Сакам да прашам: на кој референдум ние Македонците сме го добиле името? На никој! Нашиот став е јасен. Ниту на референдум сме го добиле името, ниту на референдум ќе го потврдуваме, ниту на референдум ќе го даваме. Тоа исконски ни припаѓа – истакна Јакимовски,  уште еднаш потврдувајќи дека ставовите на ГРОМ се јасни и гласни и  дека на партијата ќе и биде неважно дали тие ќе кореспондираат со опозицијата или со власта.  Според неговите зборови, целта на ГРОМ не е да се ослабне опозицијата, туку да се поттикне, ниту да се засили власта, туку да се отрезни.

– Сакаме да учествуваме рамноправно во политичкиот натпревар, да ја зголемиме политичката понуда, зашто граѓаните имаат право на избор. Или бело или црно, не е избор! Има и трето – граѓанско! Во повеќе бои, мултиетничко, мултикултурно, мултиконфесионално – рече Јакимовски во финалето на својата свечена реч, истакнувајќи дека од 28 септември 2013 година ГРОМ ќе гради едно ново автентично „движење на неврзаните“, со сопствен, оригинален политички пат и порачувајќи им на членовите и симпатизерите до март следната година заедно да ја рашират граѓанската идеја за таа да допре до повеќе од 30.000 луѓе.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin