Говор на Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ

IMG_1404

Почитувани присутни, членови на ГРОМ – Граѓанската опција на Македонија, почитувани симпатизери и поддржувачи на новата политичка сила во Македонија, драги гости, почитувани претставници на седмата сила, медиумите, добровечер и добредојдовте.

 

Добредојдовте на Основачкиот конгрес на Граѓанската опција за Македонија, добредојдовте на ГРОМ.

IMG_1400

На 29 мај ветивме и остваривме:

Македонија наесен ќе добие една нова опција, една нова успешна визија преточена во идеите, платформата и програмата на ГРОМ. Тоа е граѓанската визија за Македонија, онаа која недостигаше речиси две децении. Онаа која конечно ќе внесе нова боја во биполарниот, црно-бел свет на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Овојпат ние сме тука со мисија да ја внесеме вистинската боја, вистинските чувства, потреби и гласот на граѓаните – тоа е Граѓанската опција за Македонија.

Ние сакаме држава во која ќе има среќни и хумани луѓе, исполнети и реализирани граѓани, луѓе кои ќе си помагаат едни на други, кои ќе ги делат животните радости и таги, без делби и меѓусебна омраза.

Затоа, во име на демократијата,  да ја искористиме силата на ГРОМ за создавање на едно просперитетно општество, општество на сите граѓани на Македонија без оглед на нација, вера, полова или каква било друга определба.

Оваа земја е мала, но доволно голема за сите што сакаат да дадат свој личен белег во креирање на една среќна, толерантна, мирољубива и, пред сè, просперитетна држава, онаа која ќе нè води по патот на интеграциите, а не на поделбите, онаа која ќе нè води кон луѓето, човештината, братството, соседството, соживотот.

IMG_1437

– Добровечер браќа и сестри Албанци: Mirëmbrëma vëllezër dhe motra Shqiptare

– Добровечер и поздрав до сите граѓани од турска националност:Makedonyadaki turk miletine hosgeldinizdiyorum.

– Добровечер вредни луѓе, добровечер за граѓаните од влашка етничка припадност: Buna seara doamni si domni.

Ако не беше оној 16 февруари, немаше да биде ниту денешниот 28 септември. Ако није био печат Српске напредне странке и поверење граѓана српске националности, ми не би имали јачину грома! Јел тако браќо Срби.

-Dobroveče svim  sugrađanima  Bošnjaka, hvala na poddršci Hrvatima koji žive u Makedoniji.

Посебно боја на нашето громовско небо ни даваат Елмаз, Садри и сите наши подржувачи Роми: Shukar rat romalen – Добровечер роми. Нема радост во ГРОМ без нив.

– Dober večer za Slovenske prebivaulice Makedonije!

И нисмо заборавили браќу Црногорце! Јел ту докторка са Жабљака?

И сите останати…

Граѓанската опција за Македонија е тука за да гради и да изгради достоинествен свет кој на луѓето ќе им даде шанса за работа, за најмалите – безгрижно детство, за младите – иднина, за возрасните сигурност.

ГРОМ смета дека приоритет над сите приоритети е функциинирањето на силна правна држава. Впрочем, затоа и постои државата:  да ги запре насилниците, да ги оневозможи ајдуците, да ги казни криминалците и да ги заштити чесните и лојални граѓани, да ја врати вербата во правниот систем и да создаде доверба во државата.

Следен приоритет е слободата на граѓаните. Таа е без алтернатива. Слобода од секој аспект: слобода на избор, слобода на мисла, слобода на говор, родова еднаквост и слобода на медиумите.

Еден од главните приоритети на ГРОМ е стандардот на граѓаните. Него, ГРОМ ќе го подигне на достоинствено ниво.

Ние сме за намалување на буџетските расходи, намалување на оптоварувањето на стопанството, за поддршка за зголемување на нивната профитабилност. Ако има профит, ќе се обезбеди и проста, а ќе има и проширена репродукција, ќе има и нови работни места. Од болва лој нема да вадиме. Ќе го релаксираме од даночни оптоварувања малото стопанство, ќе ги поттикнуваме средните претпријатија. Тие заедно треба да  апсорбираат голем дел од невработената работна сила, да овозможат почетни бизнис-резултати. Тие треба да бидат двигатели на развојот и флексибилноста. Ќе даваме силна поддршка на главните упоришта на економијата – големите претпријатија.

Учеството на земјоделството и сточарството во создавање на домашниот бруто-производ, стимулации и субвениции – ќе има! И тоа уште повеќе. Но, само за вистинските земјоделци. На земјоделството, сепак, не му се потребни само субвенции и стимулации. Потребна му е и соодветна инфраструктура: брани, мелиоративни системи, отворање на странските пазари и натамошна едукација на нашите земјоделци.

Ќе даваме поддршка на истражувачки и развојни центри со соучество во освојувањето на надворешните пазари. Македонија мора да има свој дел и учество во светската глобализација.

Наш приоритет е здравството и подигнување на здравствената култура. Ќе ја враќатиме довербата во јавното здравство. Денес создаваме приватен здравствен систем, но тој се прави на грбот на јавното здравство. Ако немаме силно и стабилно јавно здравство, ќе немаме ниту квалитетно приватно здравство. Нема добро здравство без достоинествени лекари. Какво е тоа здравство каде што и лекарите и пациентите се понижени? Здравството не е само опрема, скапи апарати. Најбитни се квалитетните и ценети доктори.

Образовниот систем можеби ја има најважната мисија. Лесно се надградува веќе образован човек, лесно се стекнува со нови вештини, но тоа треба да го воспоставиме од најмали нозе. Ние ќе создаваме образование кое ќе содветствува на потребите на стопанството и на општеството и ќе оди во чекор со светските трендови.

Спроведувањето на европските директиви не ни е потребно за да го фасцинираме Брисел, туку за нас самите. Нам ни е битно дали ќе бидеме безбедни, ќе бидеме ли еднакви пред законот, ќе се бориме ли успешно против криминалот и корупцијата, ќе обезбедиме ли транспарентно трошење на народните пари, ќе јадеме ли безбедна храна, ќе ја штитиме ли човековата околина, ќе ги уживаме ли граѓанските права и слободи и ќе имаме ли конкурентно стопанство кое успешно ќе се вклучи на европскиот и глобалниот пазар.

По што ќе се разликуваме од другите?

ГРОМ бара проширување на децентралицазијата зашто локалната власт е најблиску до граѓаните и  е нивниот најдобар сервис. Зашто силна локална самоуправа во основа влијае позитивно на меѓуетничката стабилност.

ГРОМ смета дека јавниот ред и мир треба да бидат под ингеренции на локалната самоуправа. Командирот на полицијата треба да биде член на општинската влада. Државната безбедност, разузнавањето, контраразузнавањето, борбата против економскиот и организираниот криминал, разбојништвата, трговијата со наркотици и бело робје, треба да бидат под  државна ингеренција.

ГРОМ се залага за рамномерен економски развој на Република Македонија. Тоа значи „дескопјанизација“. Не може најмногу државни инвестиции да има во Скопје. Треба да создадеме услови за економски напредок, образование,здравство, култура, спорт, инфраструктура во сите делови на Македонија.

За ГРОМ мултиетничноста и мултикултурата не е обврска, туку интерес. Интерес на сите граѓани. Различната верска, културна, јазична и етничка припадност се богатството на Македонија со кое треба да се отвораат перспективи, пред сè, во економијата со соседите.

За ГРОМ е несфатливо спортот да биде дел од „лопатата“, да ни биде битно колку камен-темелници сме поставиле и колку ленти сме пресекле. За ГРОМ,  луѓето, спортистите се најбитни. За пет години се создава олимписки победник. За овие 20 години изгубивме четири пати по пет години. Тоа се изгубени спортски генерации и неостварени амбиции, изневерени надежи и изгубени таленти. Прашувам: каде тоа во светот се брои освоено петто, четврто место? Се знае: се вреднуваат само шампионите, вицешампионите и носителите на бронзени медали. Ако не вложуваме во спортистите, кого ние ќе шетаме под Триумфалната порта.

ГРОМ гарантира минимум стандради за секој клуб во првата и втората лига и финансиска поддршка за масовниот спорт. Талентите се раѓаат и во град и во село. Таленти има и кај богатите и кај сиромашните. Денес спортот стана забава за богатите оти сè се плаќа.

Честопати нè прашуваат за нашиот став за спорот за името. И тука се разликуваме и од власта и од опозицијата. Ние нема да велиме дека ставот ќе го кажеме кога ќе дојдеме на власт, ниту се обидуваме да се криеме зад референдум. Народот ни дал мандат и нè плаќа за да го знае нашето мислење и на тоа има право. За тоа и ни ја дава довербата.

Сакам да прашам: на кој референдум ние Македонците сме го добиле името? На никој!

Нашиот став е јасен! Ниту на референдум сме го добиле името, ниту на референдум ќе го потвдуваме, ниту на референдум ќе го даваме. Тоа исконски ни припаѓа.

Само да ве потсетам. Нели нè натераа да го смениме Уставот и да се откажеме од грижата за нашето национално малцинство во соседните земји?

Нели нè натераа да го промениме знамето и ни дадоа име најсмешно на свет: Поранешна Југословенска Република Македонија! Во меѓувреме под уставно име нè признаа 135 земји во светот, меѓу кои и суперсветските сили САД и Русија. Во меѓувреме го добивме спорот за името и на Меѓународниот суд за правда. Е,па, ако меѓународната правда стои зад нас, има ли логика ние да не стоиме зад самите себе?

Единствен компромис кој што ГРОМ ќе го прифати е двојната формула за името. Република Македонија за севкупна употреба, а со Грција да се договориме за името во меѓусебната комуникација.

Со ова  уште еднаш сакам да кажам дека секогаш нашите ставови, ставовите на ГРОМ, се јасни и гласни. Воопшто не ни е битно дали тие ќе кореспондираат со опозицијата или со власта. Тоа се наши ставови, дебатирани и усогласени на највисоките органи на ГРОМ.

Наша цел не е да ја ослабнеме опозицијата, туку да ја поттикнеме!

Ние не сакаме да ја зацврстиме власта, туку да ја отрезниме!

Само сакаме да учествуваме рамноправно во политичкиот натпревар, да ја зголемиме политичката понуда зашто граѓаните имаат право на избор.

Или бело или црно, не е избор! Има и трето – граѓанско! Во повеќе бои. Мултиетничко, мултикултурно, мултиконфесионално!

Од денеска, 28 септември, ние градиме едно ново автентично „движење на неврзаните“ – Граѓанска опција за Македонија гради сопствен, автентичен и оригинален политички пат.

Ајде, почитувани пријатели, да се потрудиме, до изборите во март, да обезбедиме повеќе од 30.000 членови и симпатизери. Да ја рашириме нашата граѓанска идеја, да ја промовираме нашата програма, да ја приближиме до граѓаните, да бидеме блиски со народот. Ќе бидеме успешна партија ако знаеме што сака народот, како размислува тој, кои се неговите тешкотии. И, ако им понудиме соодветни решенија, тогаш можеме да очекуваме успех на изборите.

Јас сум сигурен дека ние го можеме тоа и квалитетот на луѓето кои што се предложени во органите и во телата на ГРОМ гарантираат вистински решенија на проблемите на граѓаните.

Нека е вечна Македонија! Нека е вечен ГРОМ!

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin