Прес-конференција: На 28 Септември ќе се одржи Основачкиот конгрес на ГРОМ

Прес-конференција: На 28 Септември ќе се одржи Основачкиот конгрес на ГРОМДенеска, 26.09.2013 година, во канцеларијата на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, на бул. Теодосиј Гологанов, претседателот на Иницијативниот одбор на ГРОМ, господин Стевчо Јакимовски, одржа конференција за медиуми по повод Основачкиот конгрес на Граѓанска опција за Македонија.

– Сакам да ве известам дека в сабота, на 28 септември, со почеток во 18 часот во „Универзална сала“ во Скопје, Граѓанската опција за Македонија ќе ги удри темелите на новата партија на македонската политичка сцена. Изминаа точно четири месеци откако ја обзнанивме идејата за нова политичка партија и сакам јавноста да знае дека овој летен период, мртов период во политичкото дејствување, ние го искористивме за да ја подготвиме партиската програма, статутот на партијата, за обезбедување соодветна мрежата за дејствување на ГРОМ, отворивме 15 канцеларии низ повеќе градови во Македонија, а до Нова година планираме да отвориме вкупно 34 канцеларии во сите поголеми општини во земјава.

Прес-конференција: На 28 Септември ќе се одржи Основачкиот конгрес на ГРОМ

На Основачкото собрание в сабота, ќе бидат усвоени статутот и програмата на партијата, ќе биде избран Централен и Извршен одбор, како и претседател на партијата и на 30 септември ќе ја поднесеме потребната документација за регистрација на нашата партија. Сакам да ве известам дека досега 1.100 наши симпатизери и приврзаници имаат потпишано нотарски заверени изјави со кои потврдуваат дека учествуваат во основањето на нашата партија ГРОМ.

Изминатиот временски период многу граѓани ни пристапуваа и се интересираа за новата политичка опција, досега имаме 13.000 членови, очекуваме дека тој тренд на пораст ќе продолжи и ние полека, но сигурно наредниот период ќе се подготвуваме за изборите во март наредната година.  Веќе идната недела, нашите стручни тимови ќе ја почнат подготовката на изборната програма на партијата, така што за изборите ќе бидеме целосно подготвени.

Со ова во Македонија, практично, се раѓа една нова независна партија со која сакаме преку нашата програма на нашите граѓани да им понудиме една сосема нова визија за Македонија – рече претседателот на Иницијативниот одбор на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, уште еднаш поканувајќи ги сите приврзаници и симпатизери на ГРОМ, но и сите граѓани на Република Македонија, в сабота да присуствуваат на свечениот чин на втемелувањето на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin