Во Охрид се отвори канцеларија на ГРОМ

Во Охрид се отвори канцеларија на ГРОМГраѓанската опција за Македонија се залага за развој, а не за конфликти

Отворањето на новата канцеларија на Граѓанската опција за Македонија, вчеравечер, на 7 септември 2013 година, во централното градско подрачје на Охрид, сугерира молскавична брзина во проширувањето на идниот политички субјект. Сè повеќе граѓани покажуваат интерес да ѝ се приклучат на опцијата која нуди развој, а не конфликти.

На свечениот чин на отворањето на новите простории, на присутните охриѓани најпрвин им се обрати нивниот сограѓанин Љупчо Настоски, советник во Општина Охрид, кој трет мандат ја добива довербата од граѓаните како независен кандидат. Тој, како претседател на Иницијативниот одбор на регионалната канцеларија на ГРОМ, изрази длабока убеденост дека со работата токму во тој простор и на терен ќе успее заедно со сите охридски приврзаници да ги реализира своите цели и целите на Граѓанската опција на Македонија.

Заблагодарувајќи се за огромната присутност, претседателот на Иницијативниот одбор на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, посочи дека целта на отворањето на канцеларијата во Охрид е ширење на идеите на ГРОМ и создавање можност за граѓаните да се информираат за ставовите на партијата и за нејзината програмска ориентација.

– Сакам да подвлечам дека иако Граѓанската опција на Македонија сè уште е на ниво на иницијатива, ние изминатите три месеци се обидувавме да видиме колку поддржувачи и симпатизери имаме и колку од граѓаните сакаат да се вклучат активно во работата на нашата партија. Можам со задоволство да ви кажам дека досега ГРОМ има повеќе од една дивизија војска, односно повеќе од 12.000 приврзаници. Јас сум длабоко убеден дека со просекот што го имаме од 130 до 140 новоприклучени граѓани дневно, до Нова година сигурно ќе имаме повеќе од 20.000 приврзаници, а до изборите во март, ГРОМ ќе брои речиси 30.000 членови. Тоа е сосема доволен број да можеме успешно да настапиме на овие избори, да можеме со наши набљудувачи да ги покриеме сите избирачки места во РМ, да можеме секаде да имаме активисти – рече Јакимовски. Тој истакна дека целта на Иницијативниот одбор е да им покаже на граѓаните дека идниот политички субјект е граѓанска и мултиетничка опција, која ќе се бори да функционира правото и правната држава, за да им даде шанса на тие што се способни и креативни, а особено на младите луѓе.

– Македонија не мора да биде црно-бел свет, има и други решенија, а нашата земја ги заслужува. Не мора само Карпош да биде успешна приказна, цела Македонија може да биде успешна. Не е точно дека Карпош „се бања во пари“. Во Карпош се работи домаќински, ги погодуваме вистинските проекти и имаме коректен однос со граѓаните. Сакаме таа успешна приказна од Карпош да ја пренесеме секаде во Македонија. Затоа инсистираме нашите членови и раководствата што ќе ги имаме во општинските организации да комуницираат со граѓаните – порача Јакимовски. Според неговото убедување, во Македонија доволно долго власта и опозицијата се во кавга од која не произлегуваат ниту се нудат решенија, особено за прашањата како што се евроатлантската интеграција на земјата, животниот стандард, перспективите на младите.

– Затоа и ја формираме оваа партија, да дадеме нова понуда, да им дадеме можност за избор на граѓаните. Ние сметаме дека доволно долго двата најголеми субјекти на македонската политичка сцена на граѓаните им нудат само конфликт и никакви решенија. Сметаме дека е погрешно избор да биде само едната или другата политичка партија и дека на граѓаните ќе им биде многу полесно кога ќе имаат поголем избор, но и ќе ја почувствуваат одговорноста на изборот што го прават. Ние се формираме за да одиме на избори, за да се бориме за власт, за да бидеме дел од власта. Јас сум градоначалник на Карпош и имам власт, но целта е да се избориме за централната власт, за таму да смениме нешто, за што е можно повеќе млади луѓе да вклучиме во тековите на општествениот и политичкиот живот, да отвориме перспективи за нив. Затоа кога претседателот на владејачката гарнитура предложи парламентарни избори, ГРОМ рече: „Да, ние сме подготвени и сакаме да одиме на избори“, наспроти главната опозициска партија која речиси моли бога да ги нема и бара помош од другите партии, особено од албанскиот политички блок, да помогнат да не дојде до нив. Јас сакам одовде да упатам една порака до претседателот на Владата, имајќи предвид дека сè уште не сме парламентарна партија, дека најдобро за РМ ќе биде во март да има и парламентарни покрај редовните претседателските избори – апелира Јакимовски во финалето на своето обраќање до охриѓани, дополнувајќи дека основачкиот конгрес на партијата ќе се одржи на 28 септември, кога конечно ќе бидат формирани партиските органи и тела и од кога Граѓанската опција за Македонија ќе почне со активен политички живот.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin