Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ одекна во Пехчево

944472_153849391474061_1581067957_nВчеравечер во Кино-салата во Пехчево, Иницијативниот одбор на Граѓанска опција за Македонија ја промовираше ГРОМ пред пехчевчани. Во преполната сала, прв на своите сограѓани им се обрати Стевче Митревски, кој повикувајќи ги пехчевчани да ѝ се придружат на ГРОМ истакна дека оваа партија, нова на македонската политичка сцена, нуди концепт каков што досега не е виден во Пехчево и во Македонија воопшто.

– ГРОМ нуди излез од црно-белиот свет. ГРОМ нуди избор пред сè. Затоа вечерва Иницијативниот одбор на ГРОМ е овде, во Пехчево. За и вам да ви понудиме избор каков што досега немаше – им порача Митревски на своите сограѓани.

За тенденциите на ГРОМ, говореше и проф. д-р Томе Груевски, професор на Правниот факултет и член на Иницијативниот одбор, кој подвлече дека ГРОМ има три приоритети меѓу своите цели, а тоа се одговорноста и сигурноста на поединецот и почитувањето на сите норми и принципи во Македонија.

– Ние не ви нудиме бајки и приказни. Ние не велиме дека ќе вработуваме по секоја цена луѓе од секое семејство што има членови во ГРОМ. Такви приказни во Македонија се изнаслушавме. Ние нудиме можност секој еден да ја покаже својата способност и да се снајде во ГРОМ, а со тоа и во општествениот живот кај нас – им порача д-р Груевски на присутните.

Со особено внимание беше проследено обраќањето на првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој ги охрабри пехчевчани да ја надминат својата бојазливост и да се приклучат на ГРОМ зашто таа е партија која нема по секоја цена да влегува во конфронтации со политичките опоненти, било од власта или од опозицијата, туку ќе нуди продуктивни решенија и ќе гради позитивен политички дијалог во Македонија. Истакнувајќи дека партиската поделеност е уште еден проблем кој вештачки се наметнува на и без тоа етнички и религиски поделеното македонско граѓанство, првиот човек на ГРОМ рече дека на Македонија ѝ е суштински потребна опција која ќе обединува.

– Во што ГРОМ се разликува од другите? ГРОМ е пред сè мултиетничка партија каква што е и нашата Македонија. Ние тргнуваме од постулатот дека човек сум нужно, а сè друго сум случајно. Човек сум нужно, а Македонец, Албанец, Ром или христијанин или муслиман сум случајно. Затоа сите треба да бидеме еднакви и меѓусебно почитувајќи се, заедно да ги решаваме проблемите што ни ги носи времето, кои се еднакво горливи за сите, а кои пред сè се однесуваат на егзистенцијата. Македонија не може да биде економски стабилна и просперитетна ако прво не се решат етничките и политичките проблеми. Не смееме да го одложуваме решавањето на овие проблеми повеќе, зашто идните генерации ќе имаат свои проблеми што ќе треба да ги решаваат – подвлече Јакимовски.

Во своето понатамошно изложување тој подробно ги образложи целите на Граѓанската опција за Македонија, истакнувајќи дека една од намерите на ГРОМ е во рамките на македонското општество локалната власт да добие поголемо учество во креирањето на политиките за борба со криминалот, но и поголема финансиска одговорност зашто општините се тие кои се во непосреден контакт со граѓаните и со малото стопанство и токму тие можат најдобро да одговорат на нивните потреби.

Меѓу другото, лидерот на ГРОМ подвлече и дека оваа нова политичка опција ќе се залага за владеење на правото и правната држава со судство пред кое сите граѓани ќе бидат еднакви и со исти права. Тој истакна и дека Граѓанска опција за Македонија има намера да го зајакне јавниот здравствен сектор, кој во моментов е под закана целосно да колабира за сметка на приватното здравство. Покрај тоа Јакимовски посочи и дека уште една од заложбите на ГРОМ ќе биде се намалат буџетските трошоци за нестопански инвестиции, а за сметка на тоа да се инвестира во енергетската независност на Македонија и на нејзиното стопанство, со вложување во нови енергопродукциски објекти, како браната „Чебрен“, во нови алтернативни извори на енергија и во енергетската ефикасност. Уште една од намерите на ГРОМ што ја истакна првиот човек на партијата е и поголема поддршка за малото стопанство со намалување на драконските казни, но и зголемување на помошта на социјално загрозените семејства и на лицата со инвалидитет зашто сите граѓани треба да имаат еднакви услови за живот и еднакви можности за напредок. Јакимовски рече и дека целта на формирањето на оваа политичка опција е да се обезбеди шанса, особено за младите луѓе, да се реализираат себеси. Зборувајќи за тоа кој сè се вклучува во ГРОМ, Јакимовски рече дека е најважно што на партијата ѝ се приклучуваат граѓаните и дека не е важно колкумина сме, туку дека најважно е каква порака испраќаме и за каква идеја се залагаме.

– Нема ништо посилно од идејата. Историјата покажала дека секогаш во светот револуциите ги поведуваат еден-два проценти од граѓаните. Според тоа, за ГРОМ е доволно да има 20.000 следбеници за на следните парламентарни избори да стане партиципиент во власта – забележа Јакимовски.

Тој подвлече и дека неопходно е да се размислува и да се разговара за решавање на проблемите што на македонската држава ѝ се наметнуваат во поглед на евроатлантските интеграции. Првиот човек на ГРОМ подробно објасни со какви сè условувања и опасности ќе се соочи Македонија, покрај оние со кои и сега се соочува, доколку и понатаму доцни со интеграцијата во НАТО и во Европската Унија во однос на своите соседи и на другите балкански држави. Привршувајќи го своето обраќање кон пехчевчани, кои со громогласен аплауз ја следеа секоја поента од говорот на Јакимовски, тој посочи дека ГРОМ има намера да ги решава овие проблеми партиципирајќи во власта и посочи дека на следните претседателски избори партијата ќе настапи со свој кандидат.

[nggallery id=7]

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin